Машката кадетска репрезентација на Македонија за ракометари до 18 години постигна огромен успех, освојувајќи го првото место на шампионатот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), дивизија Б, одигран во летонскиот град Рига. Покрај златниот медал и победничкиот пехар, жолто-црвените се вратија таму каде што им е местото – во најквалитетната дивизија А.
Голем придонес во освојувањето на ова прво место даде едниот од браќата Узунчеви, Тодор, кој ги одигра сите 5 натпревари на шампионатот во Летонија и постигна 20 голови. На враќањето од Рига, специјално за ТВ Нова 12 Тодор кратко ни изјави:
„Прекрасно е чувството кај мене и кај сите мои соиграчи од кадетската репрезентацијата што го освоивме овој шампионат на ЕХФ, дивизија Б. Ова, за сите нас претставуваше едно големо искуство, а за шампионатот се подготвувавме уште од Варна, кога работевме напорно цели два и пол месеци. На крајот, вложениот труд ни се исплатеше и го остваривме она што беше наша цел, пласман на светското првенство за кадети наредната 2023 година, како и пласманот на младинското Европско првенство во 2024 година.
За жал, мојот брат, Димитар, имаше пех да се повреди уште на првиот натпревар, но верувам дека ќе има време за нови настапи и успеси во иднина за нас двајцата. Сега останува добро да се одмориме.“