ТИТО ВО ГЕВГЕЛИЈА БИЛ ПЕТ ПАТИ, ПРВИОТ ПАТ КАКО ПРИТВОРЕНИК ВО ГЕВГЕЛИСКИОТ ЗАТВОР!
25 Мај беше Ден на младоста во Титовата Југославија и се празнуваше како роденден на доживотниот претседател. Хроничарите забележале дека Јосип Броз Тито прв пат дошол во Гевгелија уште во далечната 1940 година, кога на пат за Југославија илегално ја преминал југословенско-грчката граница и при тоа бил притворен неколку дена во гевгелискиот затвор.
Претседателот на некогашна СФРЈ, Јосип Броз Тито, шеснаесет пати ја посетил СР Македонија, од кои пет пати беше и во Гевгелија. Тие денови за граѓаните на Гевгелија претставуваше своевиден празник. Тогаш секој сакаше да го види, непосредно да му ја стегне раката.
Имаше и зошто. Тој беше најголемиот син на сите наши народи и народности, творецот на нова, Социјалистичка Федеративна Република Југославија и познат граѓанин и државник ширум светот.
Својата прва средба со граѓаните на Гевгелија по ослободувањето, Тито ја имаше на 6 јуни 1954 година, по враќањето од посетата на Грција. При тоа тој одржал говор на митингот пред Железничката станица. Следните посети на Гевгелија, Тито ги имал во мај 1957, во март 1959, во јуни 1961 и во јуни 1970 година кога посетил повеќе организации во Гевгелија и Гевгелиско.