СТЕФЧО СТЕФАНОВ СО „ГЕВГЕЛИСУВАЈНЕ“ ЈА КОМПЛЕТИРАШЕ СВОЈАТА ЏЕБНА КНИЖЕВНА ФАМИЛИЈА
Гивгилијската џебна фамилија е кумплет! ГЕВГЕЛИСУВАЈНЕ си дујде дома, воздивна деновиве со олеснување на својот ФБ профил Стефчо Стефанов, гевгелискиот Марко Цепенков (не ми се лути Стефчо, морално беше. )
Со Стефче Стефанов, сме правеле лаф муабети и по излегувањето на неговата прва книга „Гевгелексикон“, а и по промоцијата на книжулето „Ај шо лафиш“. На промоцијата на последнава му посакав што поскоро да направи и во иднина што повеќе вакви интересни и креативни „бељи„ и се разделиме од него со едно – „Ај булаќи, само напред“.
Се чувме со Стефчо и кога пандемијата „владееше“ со нашето тело и нашиот дух, за да го прашаме како е и што работи. Тогаш ни кажа вакви „думи“
„Она што сега со мерак го работами е во завршна фаза, а времето дома одлично прилега за тоа, е „братчето“, односно вториот дел на познатата џебна книга „Гевгелексикон“. Поминаа точно 5 години од издавањето на таа книгичка која се распосла во 1000 примероци, а ќе ја има во уште тираж заедно со новата „Ај шо лафиш“. Токму сега ја дотерувам. Тоа е џебна книга со гевгелиски изрази и фрази. И одвај чекам да почне да живее во рацете на гевгеличани.
И, еве гледаме, чекањето се исплатеше, книгата е на мегдан, и подготвена е да скокне во рацете на љубителите на читањето не само во Гевгелија, ами и ширум Македонија. Едвај ја чекам промоцијата а дотогаш еве како накратко Стефчо ја опишува ГЕВГЕЛИСУВАЈНЕ:
„Ваа кути најнова книгичка на дијалект лафе за едни стотина чишит’лци су кои шо може да са усете топлата душа на Гивгилија. Горе-доло ист чишит е кути претходните две, а може и почишит е.
Изданието си легна дек шо му е најпугодано местото – уф роднокрајното издаваштво на Библиотека Гоце Делчев – Гевгелија, а путшутна Општинта су програмта за култура за 2024, ама ербап а залетаа за стварно да си дое ду дома едни Љуѓе кои шо не за џабе тук ги пишум су гулемо “Љ” и без кои Гивгилија нема да е таа таа (си ги пише на убаво место уф книагта).“


Прегледи: 530