СОУ „ЈОСИФ ЈОСИФОВСКИ“ ЌЕ ГО ОДБЕЛЕЖИ СВОЈОТ ПАТРОНЕН ПРАЗНИК
Во четврток, 25 април, во Народниот театар, со почеток од 19 часот, СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија со музичко-драмска програма ќе го одбележи својот патронен празник.
Најпрво, училиштниот хор, под раководство на Илија Атанасов ќе ја изведе Химната на Македонија, како и две хорски композиции, по што пред присутните, свое обраќање ќе има директорот Александар Делиџаков.
Потоа, во уметничката програма, најнапред, учениците ќе изведат драмски сцени „Требаше да биде романтична вечер“, под менторство на Даниела Џишева и Александра Ќаева, по што ќе следуваат и пародии на драмски сцени од Вилијам Шекспир, под менторство на Андријана Џинова, Кристина Пренда и Емилија Дуганова.
Помеѓу драмските сцени, ќе бидат изведени композициите „Галебе мој“ со Ања Поп-Костова и Ангела Зафирова и „За нас“ со Иван и Никола Илиевски.
Вечерта на одбележување на патрониот празник ќе биде завршена со играта „Don’t stop me now“. Техничката аудио-визуелна обработка на одбележувањето на патрониот празник е на Тони Аврамов.
Во учебната 1945/1946 година во Гевгелија е отворена првата неполна гимназија, а со решение на Советот за просвета, наука и култура при Владата на Република Македонија, на 7 јули 1952 година, таа прерасна во Полна(осумкласна) гимназија. За четири месеци, со доброволни акции и материјални прилози од ученици, наставници и граѓани, изградена е новата гимназиска зграда во близина на Железничката станица. Свеченото предавање во употреба на оваа зграда се случи на 28 септември 1952 година со трети,петти и еден шести клас.
Плејада на просветни работници, воспитувачи и едукатори ги вложувале и ги вложуваат своите знаења за воспитување и афирмација на образовните вредности на младите генерации од општина Гевгелија. Многу од завршените ученици во гимназијата „Јосиф Јосифовски„ денеска се значајни стручњаци, потврдени личности и афирмирани дејци. За време на своето школување најнадарените ученици биле добитници на врвни државни и меѓународни натпревари, постигнувајќи резултати достојни за почит.
Сите тие, и професорите и учениците, остануваат во спомените, во сликите, во советите што си ги давале еден на друг, во добриот збор, во секојдневните шеги и постапки, во работата и во издигнувањето на СОУ „Јосиф Јосифовски„.
Прегледи: 266