Денеска започна школската година, и таа ќе биде со физичко присуство, после една и пол година поради пандемијата. Минатата година само учениците од прво до трето одделение беа со физичко присуство, додека останатите посетуваа настава он-лајн.
Во општина Гевгелија, заѕвони училишното ѕвонче во сите основни училишта и Средниот општински училишен центар. Најрадосни беа 234 првачиња кои за првпат седнаа во училишните клупи. Нив, срдечно добредојде им посакаа директорите на училиштата и нивните наставници. На приемот на првачињата во основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Владо Кантарџиев“ присуствуваше и градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков. Тој, на сите ученици и наставници им посака многу успех во совладувањето на училишните лекции, стекнување нови знаења и заедничко другарување.
Тој, во изјава за ТВ Нова 12 истакна дека сите гевгелиски училишта подготвено го пречекаа стартот на новата школска година. Во сите нив е извршена дезинфекција, дезинсекција и дератизација на училишните објекти. Обезбедени се, исто така, сите хигиенски и дезинфекциони средства и останатите потребни ресурси за доследно почитување на протоколите и заштитните мерки, и за учениците и за вработените. Со оглед на процентот на вакцинирано население во општина Гевгелија, кое е околу 60 проценти, и процентот на вакцинирани наставници и помошен персонал, кој е околу 80 проценти, Поцков истакна дека нема никакви пречки наставата да биде реализирана со физичко присуство.