САШО ПОЦКОВ: СE ПОДГОТВУВА ТЕНДЕР ЗА ИЗГРАДБА НА ГРАДСКИОТ СКВЕР, НА ЛОКАЦИЈАТА НА СТАРИОТ ГРАДСКИ ПАЗАР
Како што најави на денешната прес конференција градоначалникот Сашо Поцков, општина Гевгелија подготвува и тендер за изградба на Градскиот сквер, односно паркот на старата локација на Градскиот пазар. Како што е познато, беше изработен идеен и основен проект за хортикултурно и партерно уредување на оваа локација во центарот на градот.
Во ноември месец 2019 година, Советот на општина Гевгелија по повеќегодишна постапка го донесе деталниот урбанистички план за централното градско подрачје со кој се деблокираше урбанистичкиот развој на центарот на Гевгелија и неговото урбано уредување.
Овој значаен урбанистички документ, кој подеднакво долго го очекуваа и општината и граѓаните беше донесен откако локалната самоуправа доби согласност од страна на Министерството за транспорт и врски.
Со тоа, беа создадени услови за уредување на централното градско подрачје, а во тие рамки и за уредување на урбан градски сквер на местото на стариот пазар.