САШКО ОЛУМЧЕВ:ТРЕБА ДА НАУЧИМЕ ДА ЖИВЕЕМЕ ЗАЕДНО СО КОВИД ВИРУСОТ И САМИТЕ ДА СИ ГО ШТИТИМЕ СВОЕТО ЗДРАВЈЕ. ТРАДИЦИОНАЛНОТО НАШЕ ОДНЕСУВАЊЕ НЕ ТРЕБА ДА НАДВЛАДЕЕ НАД ПОЧИТУВАЊЕТО НА ЗАШТИТНИТЕ МЕРКИ.И МЛАДИТЕ ТРЕБА ДА СЕ ВАКЦИНИРААТ БИДЕЈКИ И ТИЕ СЕ ДЕЛ ОД СИНЏИРОТ НА ЗАРАЗНОСТ

Eпедемиологот, д-р Сашко Олумчев, од Центарот за јавно здравје Велес-ПЕ Гевгелија даде интервју за ТВ Нова 12 во кое зборува за моменталната епидемиолошка ситуација, за новиот инфициран жител на Гевгелија, за тоа која вакцина е подобра, дали и младите треба да се вакцинираат и дали и кога може да се очекува четвртиот бран на пандемијата.
Ова зголемување на бројот на инфицирани лица, може да кажам беше очекувано, се олабавија рестриктивните мерки, а ние, граѓаните не ги свативме сериозно мерките за заштита. Не продолживме да живееме заедно со вирусот, не носевме заштитни маски и не оджувавме меѓусебна дистанца при разговор, што е една културна норма на однесување. За жал традиционалното наше однесување надвладеа над почитувањето на рестриктивните мерки.
Морам да напоменам дека за сопственото здравје мора самите ние да си водиме сметка, а не да чекаме државата со воведување на рестриктивни мерки да се грижи за здравјето на граѓаните. Минатата година поминавме една, така да ја наречам обука за тоа како да се однесуваме во текот на пандемијата, и сега на есен ќе треба да го применуваме повторно она што го научивме за тоа како да се заштитиме од инфицирање. Значи, ќе треба поголемиот дел од населението да биде свесно дека самите треба да се штитиме од зараза. Воведување повторно рестрикции и локдауни само ќе создаде револт кај населението и, пшто е уште поважно, ќе имаме здравствени проблеми од психолошки аспект.
Она што во овој период е најважно да го правиме е почитување на заштитните мерки и што поголем процент на населението да се вакцинира. Во моментов се води полемика дали младите треба да се вакцинираат или не. Јас сметам и препорачувам тие да се вакцинираат. Јас го пријавив сопствениот 12 и пол годишен син за вакцинирање затоа што оваа популација од 12 до 17 години е најактивна во ноќниот живот и во дружењето и најподложна на инфицирање и пренесување на вирусот. Ковид вакцините не се ништо поразлични од оние вакцини кои се даваат за различни видови болести на младата популација и убеден сум во направените студии за квалитетот на вакцините против ковидот, за да може да ги примат и помладите.
Граѓаните не треба да се прашуваат кој тип на вакцина е подобар, затоа што нема разлика во квалитетот на вакцините туку тие се разликуваат само според тоа како се дизајнирани. Треба да се вакцинираме, а создавањето на антителата, и нивниот број, не се мерило за квалитетот на вакцините, имунитетот или го имате или го немате.
Сега сме во момент кој е најопасен од имунолошки аспект, имаме во државата голем број на граѓани кои го прележаа ковидот, имаме голем број на вакцинирани и колку повеќе простор и време му даваме на вирусот да циркулира низ младата популација, тој ќе наидува на отпор од младиот организам а со тоа ќе му создадеме услови да мутира.
Како лекар епидемиолог сум презадоволен од тоа колку граѓаните на Гевгелија се заинтересирани да се вакцинираат. Досегашната бројка на прележани во општината, која е околу 2.300, бројот на асимптоматските случаи кои беа некаде околу 5.000, како и бројката на до сега вакцинирани, ми дава оптимизам дека до крајот на годината може да имаме кај нас во Гевгелија солиден колективен имунитет.
Новиот појавен случај во Гевгелија на инфициран граѓанин е импортиран случај од друг град, пациентот е со полесна клиничка слика, затоа што бил веќе вакциниран. Така да сега ги следиме неговите контакти и сме во очекување дали ќе имаме кластер или не,затоа што времето на инкубација на Делта сојот е 10 до 15 дена а не како Алфа сојот кој имаше време на инкубација 2 до 6 дена.
Самиот факт што тој бил вакциниран и се инфицирал повторно е само доказ дека вакцините против ковидот само го штитат организмот да не развие потешка клиничка слика, но, во исто време таквите граѓани се опасност за другите кои не се вакцинирани. Затоа мора да сме свесни дека иако сме вакцинирани треба да ги почитуваме и понатаму носењето маски во затворен простор и држењето на дистанца.
На есен очекувам нов бран, но не очекувам тој да не биде со ист интензитет како претходните, да има некои посилни симптоми, со што нема да ни се преполнат болниците. Овој бран претпоставував да биде некаде на крајот на август, но следејки ја сегашната ситуација очекувам веќе на почетокот на наредниот месец бројките на инфицирани да се зголемат. Трета доза на вакцина може ќе треба да се прими, но тоа ќе зависи од ситуацијата со бројот на вакцини што ќе може да го набавиме, додека за наредната година очекувам да биде дизајнирана една поливалентна ковид вакцина, налик на четиривалентните вакцини против грипот.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *