РЕПОРТАЖА ВО „ВЕЧЕР“ ЗА КОСТА ГЕЛЕБЕШЕВ
„СКИЈАЊЕТО МЕ ПРИВЛЕЧЕ СО СВОЈАТА ЕЛЕГАНЦИЈА, БРЗИНА И АДРЕНАЛИНОТ. ПЛАНИНАТА „КОЖУФ“ ИМА ШАНСИ ДА СТАНЕ НАЈРЕПРЕЗЕНТАТИВЕН ЗИМСКИ И ЛЕТЕН ТУРИСТИЧКИ ПОТЕНЦИЈАЛ“
Разговорот со Коста Гелебешев, скијач од Гевгелија, го започнавме со насмевка, присетувајќи се на филмот Cool Runnings (Ледена патека), во кој дејството се врти околу тимот на Јамајка во боб и нивниот настап на Зимските олимписки игри во Канада во 1988 година.
Тие беа дочекани со потсмев, но подоцна станаа вистинска атракција. Нешто слично му се случувало и на нашиот соговорник, кога на некој натпревар во скијање ќе кажел дека доаѓа од Гевгелија, сите го гледале со неверување. Скијач од Гевгелија, град кој има 240 сончеви денови во годината, со медитеранска клима, да изнедри еден добар скијач.
Гевгелија како град на самиот југ во Македонија има дадено досега добри спортисти, како фудбалери, ракометари, кошаркари, атлетичари, тенисери, шахисти, а еве сега добива и скијач кој неколку години се натпреварува и освојува подиуми во слалом и велеслалом.
Коста, кога се вљуби во скијањето, ако знаеме дека поради татко ти, најпрво почна да тренираш фудбал?
– Почнав многу мал да следам скијање на телевизија во нашиот гевгелиски крај снегот отсекогаш бил реткост, па токму поради тоа кога ги гледав натпреварите во скијање беше вистинско уживање и никогаш не размислував дека некој ден и јас ќе се качам на скии, сето тоа ми изгледаше многу далечно за мене.
Инаку, точно, потекнувам од спортско семејство. Мојот татко е еден од македонските спортски фудбалски голмански легенди, Никола Гелебешев. Најпрво, почнав да тренирам и играм фудбал за сите младински категории во фудбалскиот клуб Кожув, но, љубовта кон белиот спорт на крајот беше пресудна.
Кога за прв пат застана на скии и каде беше тоа?
– Прв пат застанав на скии во Малешево, Беровско. Се сеќавам беше зимски распуст, а јас бев петто одделение. Татко ми ме запиша да одам на зимување, а јас помнам дека многу плачев и негодував затоа што со нетрпение чекав да дојде распустот и да одам со другарчињата да играме видео игри. Кога отидов во Берово дента немаше снег, меѓутоа другиот ден кога станавме имаше наврнато прилично многу снег, се беше бело, а ние, децата од Гевгелија сите молчевме и бевме фасцинирани од снегот на планината. Во моментот кога ги ставив скиите сето она што ми делуваше далечно на телевизија, ми стана реалност.
Што те привлече во скијањето – љубовта кон брзините при спуштањето, адреналинот кој се создава или снежната белина и чувството на слобода кога скијаш?
– Ме привлече елеганцијата и техниката во скијањето, сето тоа во комбинација со брзината и се разбира адреналинот кој го чувствувам кога ќе се спуштам по снежната патека.
Како се движеше твојата скијачка кариера, каде имаш настапувано до сега и какви резултати имаш постигнато?
– Почнав да се натпреварувам на аматерски натпревари од 2011 година, генерално на Маврово и Копаоник. Интересно е што на тие натпревари се натпреваруваат поранешни и сегашни актуелни натпреварувачи, репрезентативци на држави, учесници на зимски олимписки игри.
Најголем успех досега имам остварено на Копаоник – ски-натпревари од меѓународен карактер и тоа, второ место во велеслалом 2022 година, трето место слалом 2023 година, трето место велеслалом 2023 година, второ место слалом 2024 година, и второ место велеслалом 2024 година.
Дали на тие настапи имаш сретнато познати сегашни или поранешни скијачки имиња?
– Се имам запознато со две светски имиња на скијањето, а потекнуваат од Балканот. Тоа се најдобриот бугарски скијач Петар Попангелов и најдобрата српска скијачка Невена Игњатовиќ. Интересно е кога се запознавме со Петар Попангелов ми побара да му покажам видео како скијам, веднаш ме праша во кој клуб сум скијал, а кога му одговорив дека не скијам за никој клуб и дека сум самоук, не можеше да поверува.
А, пак, една од најдрагите средби ми е на мастерс трката минатата година која што и беше последна, проштална трка во кариерата на најдобрата српска скијачка Невена Игњатовиќ, учесник на четири зимски олимписки игри и долги години натпреварувачка во светскиот куп.
Кој е најдобриот совет кој некој постар скијач или познат скијачки тренер ти го дал до сега?
– Најдобриот совет го добив од мојот татко кога се вратив дома со првиот освоен медал во скијање. Тој ми рече: „Коста ова ти е потврда за сите твои залагања, тренинзи, ски семинари… дека нешто добро си направил и дека со посветеност упорност и пред се љубов кон она што го работиш резултатите сами по себе доаѓаат.
Каде сакаш најмногу да скијаш и кој е твојот омилен ски центар?
– Како и сите љубители на зимскиот спорт најпримамливи ми се за скијање Алпите. Секогаш изобилуваат со доволно снег, добра инфраструктура, а најомилен центар ми е Вал Дизер, којшто се наоѓа на француските Алпи. Меѓутоа, си ги сакам и нашите планини во Македонија. За жал, ние сме посиромашна земја и не можеме да бидеме во чекор со европските ски центри во кои што многу се инвестира во инфраструктура и во следењето на модерните трендови.
Гевгелија е град со најмногу сончеви денови во годината, па каде тренираш кога овде ретко има снег?
– Претежно одиме во поблиските грчки ски центри, ги има над 25. Делува невистинито, меѓутоа планините во овој регион изобилуваат со прилично големи количества на снег поради судирот на средоземната и континенталната струја.
Кога се отвори Ски-центарот „Кожуф“, тој беше најголем виновник што скијачки напреднав. Во периодот кога работеше секој викенд со другарите бевме на патеката и скијавме. Но, многу брзо тој се затвори, на наша голема жалост.
Има ли шанси еден ден Кожуф да стане познат скијачки центар?
– Кожуф е еден од најголемите планински масиви со многу голем скијачки капацитет и природни патеки, ги има сите предиспозиции да стане еден од најдобрите, зимски и летни рекреативни туристички центри и со малку напор и залагање од нашите власти може да прерасне во европски центар на кој што сите ќе бидеме горди.
Колку се заинтересирани гевгеличани за скијањето и дали можеби имаш размислувано да се отвори скијачки клуб во нашиот град?
– Според моите истражувања на прсти се бројат гевгеличани кои скијале, меѓутоа, со отворањето на Ски-центар Кожув таа слика се смени и можам да кажам дека денес од гевгеличани има прилично голем број луѓе што скијаат, а таа скијачка култура им ја пренесуваат и на помладите генерации.
Секако, една од идеите ми е да отворам ски клуб школа, веќе разговараме на таа тема. Освен тоа, разговарано е со повеќе познати скијачи од ски светот да доаѓаат овде заедно да правиме презентации и младите луѓе да ги воведеме со скијачката вештина и култура.
Освен со скијање дали се занимаваш и со други спортови?
– Заради одржување на физичката кондиција во периодот кога не сум на скии возам велосипед во планините. Член сум на велосипедскиот клуб ГТК или „Гевгелија точак клуб“. Минатата година се натпреварував на државното првенство на Македонија во дисциплината триатлон – пливање, возење велосипед и трчање , што се одржа во Дојран каде го освоив третото место.
Кои се твоите планови за во иднина?
– Моментално се подготвувам за триатлонот – државно првенство на Македонија што ќе се одржи во јуни во Дојран. Од поголемите планови ми е да учествувам во еден од европските градови во дисциплината триатлон „Ајрон Мен“, исклучително тешка дисциплина која се состои од 3,8 километри пливање, 180 километри возење велосипед и 42 километри трчање.
Освен на спортски план , успешен си и на приватен план. Како успеваш да правиш баланс?
– Не само физички, спортот те гради и како личност и тоа дека со посветеност, фокус, љубов и пред се, вера во Бог и се е остварливо. Моментално сум раководител во Уни-банка експозитура во Гевгелија. Интересно е што нашата банка воедно е и генерален спонзор на Скијачката федерација на Македонија.
Што ќе им порачаш на младите генерации?
– На помладите генерации им порачувам што повеќе да се занимаваат со спорт, да читаат и да се надградуваат, повеќе време да поминуваат во природа. Патот до успехот е секогаш тесен и тежок меѓутоа правилен, да се почитуваат едни со други, да се учат на добрите примери, да знаат од кај доаѓаат, кај се наоѓаат сега и каде треба да одат.
Прегледи: 201