РЕНАТА ГАЛАЗКА – ВАСИЛЕВ:

„ЗДРАВАТА ХРАНА И ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ СЕ ПРЕДУСЛОВ ЗА ПОДОЛГ ЖИВОТ

Редовна физичка активност, здрава храна богата со зеленчук и овошје дозирана во мали оброци, пиење доволно вода, одржување на оптимална тежина, учење нови вештини, негување на оптимизмот беа само дел од препораките кои до гевгелиските пензионери ги упатија нутриционист Рената Галазка-Василев од Струмица и доктор Патрик Матх, на работилницата на тема: „Подобрување на физичкото здравје и начин на исхрана кај старите лица.
 
Проектот Доживување на втора младост во трето доба“ на Фондацијата Аполонија, кој што се се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, е финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот Доживување на втора младост во трето доба“ е кофинансиран од Општина Гевгелија.
 
Работилницата се одржа во Гевгелија, на која 40-тина присутни пензионери со големо внимание и интерес ги следеа излагањата на говорниците, барајќи дополнителни објаснувања.
Преку сопствено животно искуство нутриционист Галазка-Василев го објасни значењето на здравата храна од природата, правилното дишење, движење во природа изложувајќи се на сонце и секојдневно заблагодарувајќи се за она што го имаме. Таа сподели со присутните неколку домашно подготвени рецепти за подобрување на имунитетот и подобрување на здравјето.
 
„Доаѓањето на т.н. трета доба е период во кој речиси секој забележува видливи знаци и одредени недостатоци кои го загрозуваат здравјето: покачување на шеќерот во крвта, покачување на притисокот, дисфункција на циркулаторниот систем, проблеми со ’рбетот и зглобовите. Се наметнува прашањето дали сите тие негативности мора да се појавуваат, дали е тоа неопходен дел од процесот на стареење и дали може да старееме без губење на квалитетот на нашето живеење? вели за весникот ВЕЧЕР, Галазка-Василев.
 
Современата наука, вели таа, многу детално го претставува проблемот, но јас ќе се обидам да претставам една скратена визија на подобар живот, ограничувајќи се на најбитните работи.
Треба да знаеме, дека со тек на годините нашиот имунолошки систем работи со намалена сила, еден од одбранбените органи, како што е тимусната жлезда, почнува да се намалува, а некогаш и сосема се дегенерира. Но, тоа не значи дека сме сериозно загрозени, бидејќи други лимфни органи ја преземат таа функција.
 
Во периодот на зрелата доба, треба да знаеме како да го потпомогнеме функционирањето на нашиот имунолошки систем, и како тој да ни служи што подолго и непречено. Треба да знаеме што ја поттикнува имунолошката функција, а што ја намалува?
Многу научни испитувања укажуваат дека контактот со природата значително ја негува функцијата на имунолошките органи. А, што има толку волшебно во нашата природа за да може значително да се обноват нашите одбранбени функции?
Треба да знаеме дека човекот во својата историја секогаш поминувал повеќе време на отворен отколку во затворен простор, во потрага за храна, а потоа, кога научил да одгледува растенија и ги припитомил животните, во производство на храна.
Човекот е генетски предодреден да живее во природата и од неа директно да ги црпи нејзините благодати, нејзиниот чист воздух со многу кислород, сончевата енергија, која е мајка на целиот постоечки живот, нејзините чисти изворски води, посебно планинските, кои имаат посебен квалитет и исцелувачка сила, нејзиниот богат растителен свет, кој со своето постоење ја разубавува природата, но и располага со посебна енергија, која ни ги прочистува нашите енергетски меридијани, како што тоа го укажуваат старите источни култури.
Сето тоа, природата ни го подарува без пари, спроведувајќи само еден од најважните закони – Законот на природата. Во природата, без да учиме за физика, хемија и биологија, се здобиваме со сите тие знаења, користејќи ги директно нејзините благодати – природата е најсовршена лабораторија што постои. Во неа се наоѓаат сите алатки потребни за нашето заздравување од сите модерни здравствени проблеми.
 
Постојат многу научни испитувања кои тоа го потврдуваат. Но со нашето секојдневно живеење и работење, за жал, човекот сè повеќе придонесува кон нејзино уништување, а дури се размислува и за преселување на другите планети. Мислам, дека ако не знаеме да ја почитуваме природата, не заслужуваме да добиваме нови подароци од неа.
 
Човекот и ден-денес може да ги користи природните благодати, и покрај тоа, што е нарушена рамнотежата во нашата околина.
Сите ние забележуваме дека кога се наоѓаме на отворен простор, веќе по неколку минути полесно дишеме, а проблемите што ни создаваат тешкотии, како постепено да ги снемува, како да одлетуваат. Тоа е резултат на дејството на кислородот во хармонија со други компоненти, како што се етеричните масла на растенијата, прочистувачката енергија на сончевите зраци, радосната песна на птиците, шумолењето на водата. Сигурно ќе кажете: ова е поезија, не е наука, вели Галазка-Василев.
 
Но, не, ова е наука од највисок ранг! Појдете во природа да се уверите во сето погоре напишано, како се менуваат вашите параметри на крвта само од редовните прошетки во природа, редовното пиење на свежа вода, пиење на чаеви и промена во вашата исхрана. Модерниот живот во многу нешто ја промени значително нашата исхрана, особено го промени производството на леб до ниво кое сериозно влијае на нашето здравје. Глутенот во хибридната пченица не е виновник само за алергии, но за многу други здравствени последици, кои не се поврзани директно со алергијата на глутенот. Многумина од вас сте слушнале за глутен, но сепак сите не знаат што е тоа глутен?
Глутен – тоа е општо име на збир на околу 200 разни белковини, кои се створени по пат на хибридизација на старо семе од пченица. А што е тоа хибридизација? Хибридизаиција – тоа е вештачки изнудена, неконтролирана генетска промена на структурата на белковините. Хибридизацијата е спроведена од земјоделски стручњаци, а не од страна на лекари и затоа не е испитувано, како промените во структурата на белковините влијаат на човечкото здравје. 
 
Тие испитувања се прават дури во последните години, кога почнаа да се појавуваат голем број разни „модерни” болести. Современата наука пронајде во глутенските белковини некои видови на белковини кои директно се поврзуваат со одредени болести. Така, еден вид белковина одговара за создавање на зависност од јадење на пченица, која се појавува во зависност од генетска подложност на одредено лице, друг вид белковина, пак, одговара за високото ниво на шеќер, покачени маснотии во крвта и резистенција на инсулин, која исто така е во корелација со нашиот генетски материјал, кој може да биде помалку или повеќе подложен. Белковината алфа амилаза е одговорна за склоност на разни алергии кои не поврзани со глутен, како алергија на полен, прашина, крзно итн.
 
Белковината аглутинина се поврзува со појава на аутизам, АДХД,шизофренија, депресија, деменција кај постарите лица, автоимуни заболувања како ревматизам, воспаление на тироидната жлезда и некои кожни заболувања.
Нашиот организам може да биде значително поздрав и посреќен, ако ја елиминираме пченицата од нашата исхрана. Ако одлучивме да тргнеме по пат на природно заздравување, треба пченичниот леб да го замениме со леб од овесни снегулки и старо семе на пченица, а тоа сигурно ќе ни го промени квалитетот на животот. Тие житарки можеме да ги најдеме во специјализирани продавници.
 
И, да не заборавиме, да пиеме пресна, изворска вода не постара од 24 часа. Количеството на вода која треба да ја пиеме е поврзана со тежината на човекот, на секој килограм тежина, треба да пиеме 30 милилитри вода. На пример, ако имаме тежина од 60 килограми, тогаш треба да пиеме 1,8 литри вода. Затоа, треба да запомните: водата е силен регулатор на физиолошките процеси во човечкиот организам- и таа може да биде силен исцелител!

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *