Преку езерото“ е новиот меѓународен филмски фестивал што ќе се одржува на брегот на Дојранското Езеро од 5 до 7 август.
Фестивалот, како што велат организаторите, прв од ваков тип во Македонија, годинава оформува три официјални селекции во кои ќе се прикажат повеќе од десет кратки и долгометражни филмови од автори кои живеат или потекнуваат од медитеранските земји.
„А ЛА КАРТ“ на Василис Циуварас и Таксиархис Делијанис од соседна Грција, „Пресуда“ на Дора Јунг од Србија, „Марко“ на Марко Шантиќ од Хрватска, „Перики“ на нашата Ангела Димеска, „Виножито“ на Александар Вујовиќ од Црна Гора, „Криминалци“ на Турчинот Серхат Караслан, „Што знаеме за Маријам“ на Египќанецот Морад Мостафа, „Светиот син“ на Аљоша Масине од Италија и „Поглед од балконот“ на Арис Капланидис.
„Дојран филм фестивал, како фестивал на медитеранскиот филм има за идеја ‘преку езерото’ да ги собере луѓето со слободен дух, луѓето кои меѓу себе ќе ги споделат вредностите на културата, уметноста, особено за филмот како популарна уметност, филмот како уметност што зборува со свој јазик, а кој сите го разбираат“, вели Јани Бојаџи, филмски режисер и продуцент, како и иницијатор на фестивалот.
Бојаџи вели дека фестивалот освен што е посветен на филмот, тој е фестивал на слободата што треба да „ги премине границите преку езерото“.