ПРЕДАНИЕ ОД ГЕВГЕЛИСКО ЗА ВОСКРЕСЕНИЕТО ХРИСТОВО И ЗОШТО СЕ ВАПЦУВААТ ЦРВЕНИ ЈАЈЦА
Според преданието од Гевгелиско, пак, кога Христос умрел, Христијаните се расправале со Евреите и тврделе дека ќе воскресне, додека пак Евреите зборувале дека тоа ќе се случи само ако кокошките почнат да несат црвени јајца. Кога Христос навистина воскреснал Христијаните ја рашириле таа вест, а Евреите ги обвиниле дека го лажат светот. Работата дошла до судот. Евреите рекле дека ќе поверуваат во тоа ако се исполни и другиот услов, ако кокошките почнат да несат црвени јајца. Христијаните паднале на колена и долго се молеле на Бога да им помогне не поради себе што ќе бидат наречени лажговци и ќе бидат казнети туку поради верата христијанска. Пилат ги испратил слугите и тие за кусо време се вратиле со црвени јајца во рацете. Судиите провериле дали јајцата се вистински и кога се увериле во тоа ги пуштиле Христијаните. Во спомен на тоа, а за да ги уверат душманите дека Христос навистина воскреснал Христијаните на овој ден вапцуваат црвени јајца и се кршат со нив поздравувајќи се со христијанскиот поздрав „Христос воскресе“ и отпоздравувајќи со „Воистину воскресе“.