ПРЕД 154 ГОДИНИ РОДЕН ЈОРДАН ПИПЕРКАТА, А ПРЕД 109 КУЗМАН ЈОСИФОВСКИ-ПИТУ
Два родендена во ист ден, првиот на македонскиот војвода Јордан Пиперката а вториот на македонскиот народен херој Кузман Јосифоски – Питу.
Пиперката е роден 1870 г. во кичевско Козица, а Питу 45 години подоцна во Прилеп, а заедничко им е борбата за слобода на Македонија.
“НЕКА НЕ СЕ НАДЕВА НИ СРБИЈА, НИ БУГАРИЈА, НИ ГРЦИЈА ДЕКА ЕДНА ПЕДА ЗЕМЈА МАКЕДОНСКА ЌЕ ДОБИЕ, ЗАШТО ЗА НЕЈЗИНО ОСЛОБОДУВАЊЕ НИЕ КРВ ЛЕЕМЕ, И НЕ ЈА ДАВАМЕ НА ДРУГ
Вака се изјаснуваше еден од најопеаните и еден од најпопуларните македонски војводи на ВМРО (по Гоце Делчев) Јордан Пиперката, кој со своите јунаштва и подвизи уште за својот живот станал легенда.
Јордан Пиперката е роден на 23.06. 1870 година во кичевското село Козица. Потекнува од сиромашно земјоделско-сточарско семејство. Злате Ѓоршески, автор на монографијата посветена на Јордан Пиперката, дава интересно објаснување за неговото презиме. “Фамилијарното име му е Пиперковски. Меѓутоа тој е познат по скратницата од тоа име – Пиперката. Кај народот преовладува мислењето дека оваа скратеница ја добива поради физичкиот изглед (бил црвен, но и лут). Многумина го поврзуваат со лутината и црвенилото на пиперките”. Јордан е учесник на Смилевскиот конгрес во мај 1903 година и непосреден учесник во славното Илинденско востание. На 1 август 1903 година, во Церско Поле, Демирхисарско, паднал во заседа на турската војска, и тука, откако бил ранет, последниот куршум го испукал во себе и не се предал жив во рацете на непријателот.
На 23 јуни 1915 година во Прилеп е роден Кузман Јосифовски – Питу, народен херој на Македонија, а загинал од кушумите на бугарската полиција во Скопје, на 25 февруари 1944 година.
Питу е еден од главните организатори на антифашистичкото движење (1938-1941) и на НОБ во Македонија (1941-1944), а за народен херој бил прогласен на Илинден 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов – Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски – Карпош и Мирче Ацев).
Поради неговата патриотска борба за слобода на Македонија, бил нарекуван Гоце Делчев на НОБ или вториот Гоце Делчев.
Студирал на Универзитетот во Белград, каде во 1938 година станал член на КПЈ и бил еден од организаторите на студентско друштво Вардар и на македонското национално движење МАНАПО. Oд 1939 година бил испратен на партиска задача во Прилеп. Бил организатор и учесник на повеќе национални манифестации и демонстрации за подигање на национално – револуционерната свест на Македонците за продолжување на ослободителната борба против великосрпскиот окупаторски режим. Поради несогласувања бил исклучен од партијата. Бил говорник на Илинденската демонстрација (1940), на која било барана промена на режимот, национално-политички права, ослободување на Македонија и друго. Од 1940 година станал член на ПК на КПМ, на Главниот штаб, на ЦК на КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
По Преспанското советување на 2 август 1943 година дошол во Скопје да раководи со борбата на македонскиот народ, во заднината на фашистичкиот окупатор. Упорен борец за создавање на самостојна македонска држава, во својата илегална работа патувал често пати во западните делови на Македонија, тогаш окупирани од Италија. Во текот на бугарската окупација на Македонија живеел илегално во скопската населба Буњаковец.
Во февруари му било кажано дека бугарската полиција дознала за неговата активност и тој морал да замине во партизани. Но, при обидот да го напушти Скопје, во Козле во близина на некогашната фабрика Алумина бил убиен од бугарски куршуми, а на тоа место денес има спомен – плоча.
Прегледи: 95