ПОЧИНА ГОЛЕМИОТ ПРИЈАТЕЛ НА ГЕВГЕЛИЈА И НА ПИОНЕРИТЕ НА КК „КОЖУВ“ ЈОРГО РАХМАНИДИС, МЕНАЏЕРОТ НА КК „НЕА ТРИГЛИА“ 
На 17 февруари почина проект менаџерот на КК „Неа Триглиа“, од Република Грција, Јорго Рахманидис. Тој беше вистински космополит, хуманист и голем пријател на Гевгелија и на гевгелиските деца кои тренираа кошарка. Имено во 2014 година, Рахманидис, заедно со исто така, сега веќе починатиот Боби Петковски, тренерот на младинските категории на КК „Кожув“, почнаа една прекрасна соработка меѓу овие две екипи која резултираше со организирање на кошаркарски турнири како во Гевгелија, така и во Неа Триглиа. Резултатите на овие заеднички турнири секако беа во втор план,а побитна беше дружбата, фер плејот и зајакнување на соработката меѓу младите од Гевгелија и Неа Триглиа.
Јорго, исто како и Боби, беше неуморен кошаркарски работник, и двајцата, до последниот здив се бореа за развојот и популаризирањето на кошарката кај младите од Грција и Македонија.
Визионер и амбициозен, Јорго успеа да направи нешто навистина неверојатно. Да донесе женски кошаркарски тим на едно мало село на Халкидики во А1 Националната категорија, па дури и да се задржи таму две последователни сезони.
Тв Нова 12, изразува искрено сочувство до семејството Рахманидис, неговата сопруга и сите оние во Гевгелија и Неа Триглиа што го познаваа човекот кој неуморно работеше за напредокот на кошаркарскиот спорт и неговиот развој