10-ти Април е датумот кога се слави Денот на Општина Босилово. За прв пат, институционално таа се формира во далечната 1952 , а тоа се цели 70 години.
По повод јубилејот, на свечена седница, Градоначалникот Ристо Манчев им додели плакети на Киро Донев, Ленче Кукиќ и Томе Зимбаков за посебен придонес и промовирање на општината Босилово.
Ленче Кукиќ, моминско Дедејска, е родена во Босилово во музичко семејство, a нејзината успешна кариера трае веќе 30 години. И со групата „Пицикато“ и како солист има настапи на многубројни фестивали на народна музика и на многу сцени во Македонија. Добитник е на бројни награди: од успешен дебитант до први награда на жирито, награди за најдобра интерпретација и награди од публиката.
Во 2019 година Ленче беше победник на популарното музичко шоу “Никад није касно“.
Кога ја побаравме да и го честитаме ова значајно признание, таа ни се заблагодари од се срце и ни кажа:
„Плакетата ја добив за значаен придонес и промовирање на Општина Босилово во областа на музиката. Јас секогаш на сцената давам сѐ од себе и никогаш не се сомневам во моето дадено, затоа што е дадено со душа и со целата моја енергија. А, публиката тоа го знае и затоа ме наградува.“