Петко Петков (Ташев), легендата на гевгелискиот и воедно македонскиот фудбал, пред некој ден наполни 75 години. Роден е во Гевгелија, во 1946 година а своите први фудбалски чекори ги започнал на 16 години во ФК „Кожуф“, еден од најстарите фудбалски клубови во Македонија. Во својата 17 годишна кариера освен за својот „Кожуф“, настапувал и за „Победа“ од Прилеп, како и за „Борец“ од Велес. Каде и да настапувал, Петков ги воодушевувал сите љубители на фудбалот поради својата извонредна техника и бравурозните дриблинзи. Поради тоа навивачите на „Кожуф“ му го дале и прекарот Шеки. И денес, фудбалските стручњаци го сметаат Петко Петков за еден од најдобрите техничари што се појавиле на фудбалските терени во Македонија.
Во неговата кариера, се му е подредено на бројот 500, има постигнато над 500 голови, има над 500 асистенции и одиграл над 500 званични фудбалски натпревари.
Во 2000 година во организација на Подрачната единица за спорт и млади и Радио Телевизија Гевгелија беше организирана спортска манифестација за избор на 10 најдобри спортисти на 20-от век од Гевгелија. Во тој избор, првото место го поделија токму Петко Петков и интернационалниот мајстор и светски првак во проблемски шах, Живко Јаневски.
Петков, фудбалската кариера ја завршил во 1979 година, а на прашањето кој натпревар му е најдраг тој одговори
„ Без конкуренција, тоа е натпреварот со Победа од Валандово за тоа кој ќе влезе во Македонската фудбалска лига. Игравме во Гевгелија, пред преполн стадион, го добивме натпреварот со 5-1, а јас постигнав хет-трик. На стадионот, на крајот на натпреварот настана вистински делириум, а и ден денес во ушите ми одзвонува извикувањето на моето име од страна на навивачите.“
На пригодната прослава што беше организирана по повод Изборот на спортист на векот, се одигра и ревијален натпревар помеѓу ветераните на ФК „Кожуф“ и ветераните на Македонската фудбалска репрезентација, на која продефилираа Митановски, Андреев, М и Г Каракабакови, Беќаров, Линков, Апостолов, Димитровски, Јанев, Аџиоски, Кадиев, Милошовски, Костов, Трајков и нормално Петков, од Кожуф, кaко и Панчев, Јовановски, Kанатларовски, Трајановски, Здравков, Георгиевски, Маџунаров и Стојковски oд Македонската фудбалска репрезентација.
Цела една историја собрана во 17 годишната кариера на популарниот Шеки. На крајот, Шеки, мајсторе, нека ти е среќен 75-от роденден, добро здравје и терај до 100-ка.