Во изложбениот простор на Уметничката галерија Амам – Гевгелија вчеравечер, петок, 17 септември, беше отворена самостојната изложба ,,Политичка лиричност” од ликовниот уметник Перо Кованцалиев. Изложбата е составена од цртежи на кои преовладува чадот низ различни форми и композиции. Кованцалиев, како уметник, наместо со зборови, преку цртежите испраќа моќна критика насочена кон многубројните институции кои остануваат пасивни на зачаденото секојдневие кое го живееме, благодарејќи на човековата негрижа за чистата животна средина.
Изложбата, за отворена ја прогласи Александар Каракабаков, кој напомена, меѓу другото, дека делата носат длабок филозофски поттекст, праќајќи визуелни пораки кон набљудувачот, будејќи храброст и доживување, давајќи поттик и мотивација… Неговата уметност, потенцираше тој, зрачи со хармонија, доведува и доживува лични катарзи полни со чувства и емоции.
Уметникот Кованцалиев, обраќајки се до присутните љубители на ликовната уметност , потенцираше дека низ овие дела тој посакува лириката да ја врати во уметничкото дело, а одржувањето на физичката, општествена и природна средина да се врати во рацете на надлежните институции.
Перо Кованцалиев е роден во Гевгелија а живее и работи во Скопје. Магистрирал на Катедрата за вајарство на Факултетот за ликовни уметности и активно работи како самостоен уметник. Имал повеќе самостојни изложби и учествувал на голем број групни изложби во земјава и странство.
Настанот е во организација на Н.У.Музеј – Гевгелија, поддржан од Министерство за култура на Р. Северна Македонија. Изложбата ќе биде поставена во галерискиот простор на Амамот во период од 17 Септември до 06 Октомври 2021 година