ОТВОРЕНА ВОЗБУДЛИВАТА ИЗЛОЖБА „ДВОЈНА СКУЛПТУРА“ НА ТРИ ГЕНЕРАЦИИ УМЕТНИЦИ НА ФАМИЛИЈАТА ЈАНЕВИ

Националната установа Музеј Гевгелија и Уметничката галерија АМАМ, синоќа организираа една несекојдневна изложба насловена „Двојна скулптура – Ателје Јанев“.Несекојдневноста на оваа изложба лежи во фактот што на неа, со свои уметнички дела, пред гевгелиските љубители на уметноста се претставија три генерации со уметнички порив на фамилијата Јаневи.
 
Уметничката галерија АМАМ, во петочната квечерина, беше претесна да ги прими сите љубители на уметноста од Општина Гевгелија, кои и покрај жешкото време, и покрај матурската вечер во Гевгелија, сакаа да бидат дел од едно вакво возбудливо уметничко претставување на три генерации кои творат во „Ателје –Јанев“. Најмладата Маре Јанева, родена 2018 година, нејзиниот татко, Александар Јанев, роден 1987 година и највозрасниот од фамилијата, Јордан Јанев-Дане, роден 1948 година.
 
Најнапред, на присутните им се обрати директорката на НУ Музеј Гевгелија, Цеца Танчевска, која кажа дека оваа изложба е дел од годишната програма на Музејот а финансирана од Министерството за култура.
За самата изложба и делата кои се претставени на неа, говореше м-р Александар Каракабаков, кустос, историчар на уметноста:

Двојната скулптура – Ателје Јанев, рече Каракабаков, претставува сублимат на двајца квалитетни мајстори по професија вајари и наследничка – ученик која оди по стапките на своите мајстори. Уметноста на авторите, различна или слична, им овозможува да се изгубат во апстрактната идеја и да се пронајдат во реалната визија на материјата. Опстојуваат во негувањето на тишината и спокојот во душата, во кој ритуал го пронаоѓаат внатрешното битие и му дозволуваат да се разигра. Низ оваа комбинација и естетска визуелизација уметноста е нешто што не може да се долови со зборови, но сепак, колоритот, линијата, формата, материјалот, кои неминовно ни ги наметнуваат авторите во реалната лирска творба на делата, нè наведува на прекрасно чувство во опсервацијата на овие дела.
 
Во име на „уметничката тројка“, на Ателјето Јанев, гостите ги поздрави Александар Јанев.Откако им се заблагодари на сите оние кои се внесоа несебично во организацијата на изложбата, тој истакна:
„Чест ми е што оваа наша заедничка изложба се организира по повод големиот верски празник Спасовден. Иако оваа изложба не беше вметната во званичната програма за Спасовденските чествувања, еве ден по празникот, и ние, тројца, со нашите дела се приклучивме во прославата на патронот на Општина Гевгелија, давајки мал придонес кон ширењето на ликовната уметност во нашиот град.
 
Скулптурите, сликите и делата кои се создадени од три генерации на нашето семејство, не се насловени од едноставна причина вие самите да имате свое видување и дадете свој наслов на секое од овие дела. Во нив може да ја видите линијата, формата и пред се третата димензија, но со ова тројно изложување нма делата од Ателје Јанев, се надевам ќе може да ја пронајдете онаа најважната, четвртата димензија, заврши Јанев.
Изложбата ја сочинуваат 15 црно-бели цртежи на Јордан Јанев-Дане, 26 скулптури на Александар јанев и 6 слики во темпера на малата Маре.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *