ОПШТИНА ГЕВГЕЛИЈА ЌЕ ГИ ПРЕТСТАВИ СВОИТЕ ТУРИСТИЧКИ ПОТЕНЦИЈАЛИ НА „САЕМОТ НА ТУРИЗМОТ 2022“ ВО БЕЛГРАД
Општина Гевгелија ќе земе учество на 43 Меѓународен саем за туризмот во Белград.
На тридневниот настан, од 24 до 27 март, Општината, во рамки на штандот на Агенција за промоција и поддршка на туризмот, преку рекламен материјал ќе ги промовира туристичко-угостителските потенцијали и капацитети, особено, бањскиот, планинскиот и казино-туризмот во општината.
Слоганот на годинешниот саем „Помеѓу планините и морето“ ги повикува љубителите на патувањата да изберат помеѓу традиционално актуелните морски дестинации или планинскиот туризам и активни тури според нивните афинитети, од богатата саемска понуда.
Меѓу земјите-учеснички се: Грција, Турција, Црна Гора, Египет, Бугарија, Русија, Македонија, Тунис, Романија, Унгарија и Словачка, а за прв пат на саемот учествува и Малезија со својата богата туристичка понуда.
Овогодинешниот настан ќе биде насочен кон закрепнување и обновување на туристичката средина, како и промоција на трендови и иновации кои ќе ја обликуваат иднината на туристичката индустрија. Со саемот ќе започне бран на нова енергија, а преку воспоставување контакти и вмрежување на учесниците ќе се следи правецот на постигнување подобри деловни резултати.