ОДБЕЛЕЖАНИ 70 ГОДИНИ ГИМНАЗИСКО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ГЕВГЕЛИЈА

На времето поминато во гимназиските клупи секој од нас се навраќа со пријатно чувство, затоа што се работи за годините ученички, најубавото доба човеково. Време на безгрижни години со весели насмевки на лицата, години на формирање и себепронаоѓање, години исполнети со младешки елан и ентузијазам, години исполнети со љубов кон книгата, но и години кога се раѓала онаа првата, младешка љубов.
Еден убав настан, по еден значаен повод, ги потсети и повозрасните и помладите гевгеличани, токму на времето поминато во гимназиските клупи. Имено, во Народниот театар во Гевгелија, со Свечена академија на СОУ „Јосиф Јосифовски“, се одржа Свечена академија по повод 70 години гимназиско образование во Општина Гевгелија.
 
Една плејада народни учители, наставници и професори, веќе над седум децении ги воспитуваат и образуваат гевгелиските ученици и како вистински светилници на духот им ги покажуваат патиштата кон највисоките идеали, со љубов и верба во нивното свето дело. Во учебната 1945/1946 година во Гевгелија е отворена првата неполна гимназија, а со решение на Советот за просвета, наука и култура при Владата на Република Македонија, на 7 јули 1952 година, таа прерасна во Полна(осумкласна) гимназија. За четири месеци, со доброволни акции и материјални прилози од ученици, наставници и граѓани, изградена е новата гимназиска зграда во близина на Железничката станица. Свеченото предавање во употреба на оваа зграда се случи на 28 септември 1952 година со трети,петти и еден шести клас.
 
На 1 јануари 1976 година со спојувањето на Гимназијата со металското училиште „Ристо Поп-Ристов, формиран е Училишниот центар за средно образование „Јосиф Јосифовски„ со 19 гимназиски паралелки и 6 паралелки металска насока. Подоцна се отворија и нови насоки. Така од 1977/1978 година е воведена електро насока, а наредната 1978/1979 угостителско-туристичка насока. Во 1989 година е укината електро струката а воведени се паралелки за хотелско-туристички техничари. Од 2009/2010 година воведена е нова паралелка во машинската струка со образовен профил автотехничар-мехатроничар, со времетраење од четири години.
 
Од 2007 година од Училишен центар името се промени во Средно општинско училиште „Јосиф Јосифовски„.Денес СОУ Јосиф Јосифовски„ има гимназиско образование, економско-правна и трговска струка, угостителско-туристичка струка машинска струка и здравствена струка..
Свечената академија, по повод 70 години гимназиско образование во Гевгелија ја отвори градскиот мешан хор „Гортинија“ со кратка музичка програма во која беа застапени дела на Лековски и Скаловски, како и македонски народни песни, по што свое обраќање имаше директорот на СОУ „Јосиф Јосифовски“, Александар Делиџаков.
 
Во своето обраќање тој, меѓу другото истакна:
„Од нашето училиште патот го започнаа голем број градители на денешното општество, видни и истакнати професори и лекари, архитекти и уметници, политичари и вредни работници. Ние сме императивот со кој се именува плодната иднина, ние сме темелот врз кој се гради иднината на нашата Гевгелија. СОУ “Јосиф Јосифовски” денес е почитуван и респектиран партнер во заедницата, извор од кој пие приватниот бизнис-сектор, но и непресушен бунар кој го напојува интелектот на јавниот сектор. 70 години спомени.
 
70 години спој на генерации. 70 години мисија на знаење, квалитет, автентичност, оригиналност. „Јосиф Јосифовски” – гимназија на седумдесетите генерации кои слават јубилеј. Празник на младоста, на радоста, на заедничките спомени. 70 години СОУ “Јосиф Јосифовски” е диригент на образовните и културните текови во градот. Успесите и постигањата кои се врежани низ страниците на монографијата докажуваат дека учениците и вработените се искрено посветени на работата. Искрено се радувам што СОУ “Јосиф Јосифовски” се развива како заедница на квалитетот, на креативноста, на слободниот ум и на новите идеи. Поради сето ова СОУ “Јосиф Јосифовски” е траен белег на едно постоење, непрекината врска на генерациите, наша сегашност и иднина. И надеж дека засекогаш така и ќе остане! Со вистинско образование до вистински вредности кај личноста на ученикот!“
 
По обраќањето на директорот Делиџаков, свои сеќавања за работниот век поминат во гимназијата споделија со присутните неколкумина пензионирани професори од гимназијата. Програмата заврши со стихови од познатите македонски поети, Анте Поповски, Гане Тодоровски и Ацо Шопов, кои ги рецитираа професори од Училишниот центар, по што беше промовирана и Монографијата по повод 70 години гимназиско образование во Општина Гевгелија.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *