На последната седница на Советот на Општина Гевгелија, градоначалникот Андон Сарамандов ги запозна советниците и јавноста со иницијативата на градоначалниците на Гевгелија, Кавадарци и Демир Капија, како и на повеќе невладини организации и десетмина професори од Природно-математичкиот факултет за преземената иницијатива, планината Кожуф да се прогласи за национален парк.
За таа цел, потребна е изработка на физибилити студија која би требало да биде финансирана со средства од овие три општини, а чија изработка би траела три години. Доколку се оствари оваа иницијатива, се очекува не само трајно да се зачуваат природните богатства на планината „Кожуф“, туку и подем на регионалниот и туристичкиот развој на општините Кавадарци, Демир Капија и Гевгелија.
Инаку, во Македонија има четири национални парка, Пелистер, Галичица, Маврово и Шар планина, а доколку успее иницијативата за Кожуф, тоа би бил прв национален парк во југоисточниот дел на нашата земја.