Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на денешната прес-конференција ги презентираше податоците од Годишната даночна пријава за 2020 година на која истакна дека Управата за јавни приходи изготви и достави пополнета Годишна даночна пријава за 769.794 граѓани.
Согласно податоците за највисоки прагови во 2020 година, 11 граѓани во 2020 оствариле над 100 милиони денари, а 557 граѓани оствариле приходи кои се движат од 10 до 100 милиони денари. Кај 40.021 граѓани утврден е бруто-доход над 1 милион денари, додека 616 024 лица оствариле бруто-доход кој се движи од 100 илјади до 1 милион денари.
Највисок годишен бруто доход за 2020 година изнесува 453,1 милиони денари, а е пријавен од скопјанка. Највисоката годишна бруто плата е остварена во индустријата со метали и изнесува 105,2 милиони денари, а исплатена е на граѓанин од Струга. На листата на највисоко рангирани бруто плати се најдоа и платите исплатени во секторот здравство, аптеки, одгледување на добиток, трговија со тутун и игри на среќа. Највисокото лично примање по основ на извршена работа изнесува 63,2 милиони денари на годишно ниво за повремено или привремено извршени услуги главно кон компанија за производство на алкохолни и безалкохолни пијалаци.
Скопјани повторно доминираат во исплата на највисок доход од самостојното вршење на дејност, највисокиот изнесува 73,5 милиони денари. Во 10-те топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, извршители, угостители, електро-инсталатори и производители на амбалажи од хартија.
Највисоката добивка од лото, обложување, казино и учество во наградни игри, остварил граѓанин на Тетово чија добивка изнесува 40, милиони денари од обложување, а второрангираниот е граѓанин од Битола кој остварил 31 милион денари исплатени од Државна лотарија на Република Северна Македонија.
Во категоријата ,,Најмлад и Највозрасен милионер“ лице кое се родило во 2013 година остварило доход 1.016.947,00 денари, а лице на возраст од 96 години остварило доход во износ од 4.570.535,00 денари, основот по кој овие граѓани се најдоа во оваа категоријата, е заради доход остварен главно од закупнина.