НАГРАДАТА „АНТЕВО ПЕРО“ ЈА ДОБИ САШО ДИМОСКИ. АНТЕВ ЗЛАТНИК ЗА ПЕПИ СТАМКОВ

Жири-комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), пред да пристапи кон донесување на завршната одлука за наградата „Антево перо“, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, уште еднаш го изразува своето задоволство од одличниот одзив за оваа награда. Оваа година, комисијата имаше навистина тешка задача да направи селекција на поетските писма кои со своите квалитети и одличен израз се издвоија.
 
Пристигнаа 75 стихозбирки, со најразлична трендовска и жанровска разноликост, од кои во потесен избор за наградата влегоа седум стихозбирки: „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ на Тони Попов, „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков, „Сивка: геометрија на болката“ на Ирена Бабамова Стојчева, „Музеј на заборавот“ на Сашо Димоски „Царски рез на небото“ на Даниела Андоновска Трајковска, книгата „Анатомија на скриена болка“ доставена под шифрата Суштина и поетскиот ракопис „Каде што се раѓаат сенките“ на Агрон Усеини. По темелно разгледување на вредностите на секоја од овие седум стихозбирки и по завршните дискусии на членовите, Комисијата едногласно донесе одлука наградата „Антево Перо“ за 2024 година да ѝ припадне на стихозбирката „Музеј на заборавот“ од Сашо Димоски.
 
Поради одличниот квалитет на поетските текстови од збирките кои се избрани во потесен избор, оваа година Комисијата, едногласно одлучи да додели три награди „Антев златник“, што значи, една повеќе од она што, до сега, беше пракса. Наградите „Антев златник“ за 2024 година им припаѓаат на: Ирена Бабамова Стојчева за збирката „Сивка: Геометрија на болката“, Тони Попов за збирката „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ и Пепи Стамков за збирката „Собрани остатоци од светот“.
 
Поетскиот егзистенцијализам со кој се карактеризира поезијата на Пепи Стамков креира сериозни квалитети на изразот во кои македонскиот јазик ги испитува границите на можностите на експресивноста на употребените сложени фигури од логичкиот код. Во исклучително збиениот израз, со кој се карактеризира оваа поезија, авторот тргнува во потрага по остатоците од денот, идеалите, животните предизвици, љубовта и застанат на личните крстопати се прашува дали треба да живееме со полни гради, до крај, или е доволно да се задоволиме со остатоците кои најчесто не се наши. Преку честото одење отаде времето и животот, овој млад и чувствителен поет на сложен и едноставен начин ни соопштува универзални вистини во кои сите сме, на некој начин, колекционери од остатоците на светот.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *