НА ДЕНЕШЕН ДЕН РОДЕН АКАДЕМИКОТ ГАНЕ ТОДОРОВСКИ
ОЈ, МАКЕДОНИЈО,-КОЛКУ ЛИ УШТЕ НИ ТРЕБА ДА ТЕ ДОМАКЕДОНЧИМЕ!,
И покрај сè и покрај сè
колку сме толку сме токму сме!
Во скопското село Кожле, на 11 мај 1929 година роден е Гане Тодоровски — македонски академик, поет, преведувач, професор, есеист, книжевен критичар, историчар и публицист. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје каде што и докторирал. Работел како новинар во Танјуг, „Млад борец“ и „Студентски збор“. Бил долгогодишен професор по хрватска и македонска книжевност – 19 век на Филолошкиот факултет во Скопје.
Во 1951 година станал член на Друштвото на писателите на Македонија, а во два наврата (1969-1971 и 1985-1986) е и негов претседател. Бил претседател и на Советот на Струшките вечери на поезијата (1970-1971). Член е на МАНУ од 1997 година. Во 1990 година Тодоровски е избран за прв претседател на Движењето за семакедонска акција МААК. Подоцна е назначен за прв амбасадор на Република Македонија во Руската федерација. Починал на 22 мај 2010 година. Закопан е во црквата „Свети Спас“ во скопското село Кожле на 26 мај 2010.
Од неговото обемно поетско и научно и публицистичко дело се издвојуваат: „Спокоен чекор“, „Апотеоза на делникот“, „Претходниците на Мисирков“, “Снеубавен ден“, „Трактати за сонцељубивите“, „Скопјани“, „Подалеку од занесот, поблизу до болот“, „Со збор кон зборот“, „Неволици, неверици, несоници“, „И орач и воин“, „Книга за Венко Марковски“ и други. За своето творештво бил носител на врни македонски општествени и книжевни награди: „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“, „Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „Димитар Митрев“, „Ацо Шопов“ (награда), „Кирил Пејчинович“ и други
Прегледи: 183