НА ДЕНЕШЕН ДЕН 1945 ГОДИНА ВО СКОПЈЕ Е ОТВОРЕНА ПРВАТА ГРАДИНКА ВО МАКЕДОНИЈА “ПРВИ СТАПКИ”.

Во Скопје е отворена првата градинка во Македонија, за престој на деца од 4 до 7-годишна возраст, на кои им беа обезбедени храна и воспитување преку денот, додека нивните родители беа на работа.
Јавната Установа Општинската Детска градинка „Орце Николов“ – Карпош Скопје е најстарата градинка во Р. Македонија, со 79 годишно постоење и затоа на кратко да се потсетиме на почетоците.
Градинката е отворена под името „Први стапки” во Првиот Скопски Реон, Oпштина Идадија. Отворањето на установата го означува почетокот на организираното предучилишно воспитание во Р. Македонија. Со децата работеле две жени домаќинки кои покажале љубов за работа со деца, храната ја подготвувало едно лице, имало еден чувар и две хигиеничарки.
На почетокот градинката згрижила 10 деца, но набрзо бројот на децата пораснал на 40.
Градинката „Први стапки” работела од 6 ч. наутро до 18 ч. навечер. Децата примале појадок, ручек и ужина и спиеле 1 до 2 часа.
Во 1946 г. Градинката го добива името на македонскиот херој Орце Николов. Во наредните години Градинката се развивала и во поглед на зградите кои се отварале под нејзина управа и во поглед на бројот на деца кои се запишувале и постојано се зголемувал нивниот број и за кои вработените во тоа време се грижеле со многу внимание, љубов и педагошки такт.
Со голема страст и љубов во изминативе децении работеле и работат стучни кадри во детската градинка, за да можат децата од различна возраст да уживаат во тоа. Образованието и воспитанието на децата се одвива во согласност со современите концепти на предучилишното образование во светот, додека различни пристапи помагаат да се создадат квалитетни односи и комуникација помеѓу нераскинливиот триаголник – воспитувачи, деца и родители.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *