НА ДЕНЕШЕН ДЕН 1872 ГОДИНА РОДЕН ЈАНЕ САНДАНСКИ, ПИРИНСКИОТ ЦАР
На денешен ден 18 мај 1872 година е роден Јане Сандански познат како Пиринскиот цар, Сандан-паша и Старикот-македонски национален херој, војвода и водач на Македонската револуционерна организација. Јане немал широко образование, поради сиромаштијата одвај завршил прогимназија. Но по природа бил надарен со ум, снаодливост и впечатливост. Со својот ум, правилно ги проценувал случувањата и донесувал правилни одлуки.
Еден дел од старите војводи имал одбивен однос кон учителите и воопшто кон интелигенцијата, меѓутоа Сандански се опкружил со великолепни интелектуалци кои ги виделе неговите дарби на водач и му помогнале во неговата револуционерна дејност. Во април 1901 година, за првпат, со осумчлена чета, Сандански агитирал во името на Организацијата.
Истата година, тој и Христо Чернопеев во Разлошко решиле да го грабнат д-р Хаус, протестантски мисионер од Солун. Меѓутоа, д-р Хаус го одложил патувањето и затоа тие решиле да ја киднапираат протестантската мисионерка Мис Стон, која се наоѓала во Банско. Целата акција се усложнила и траела шест месеци.
На 31 јануари 1902 година бил платен откупот, а на 23 февруари 1902 година, грабнатите биле ослободени од Андон Ќосето во селото Градошорци. Бил учесник во Младотурската револуција во 1908 година. Загинал кај месноста Блатата на 22 април 1915 година.