Во селото Папрадиште, Велешко,на денешен ден, 1878 година, роден е Димитрија Чуповски, еден од најистакнатите и најдоследните организатори и афирматори на македонската национална мисла, политичар, дипломат, научник, историчар и филолог. Бил прв претседател на Славјанско-македонското научно литературно друштво основано во Петроград, во 1902 година. Умрел во Санкт Петербург, на 29 октомври 1940 година. Димитрија Чуповски е македонски национален деец и борец, силен заштитник и бранител на македонската национална самобитност и посебност, а по поделбата на Македонија во 1913 година, силно се залагал за нејзино обединување и конституирање како национална држава на македонскиот народ.
Во 1913 година тој му пишува писмо на Неофит, Митрополитот Скопски
Ваше Високопреосвештенство,
Зошто нема месни претставници, изразители на вистинските желби на Македонците пред европските држави и пред Русија? Та нели сега е најудобниот и последниот момент, кога гласот на оние народољупци, онаа Внатрешна организација, чијашто девиза беше „Македонија на Македонците“? Зошто не настапуваат со протести против поранешните сојузници, а сега непријатели на македонската независност?
Или можеби тие сеуште веруваат во моќта и несебичноста на Бугарија?
Па нели токму таа прва посегна врз целоста на Македонија, давајќи им на нејзините вчерашни сојузници дел од живиот македонски организам. Не е ли веќе време сега да си ги отворат очите и да настапат за нејзината одбрана? Па, Вие сте таму на местото, имате власт, имате доверба, од Вас, претставниците на народот, најмногу и се бара.
Ние, Македонската колонија во Русија, веќе настапивме во одбрана на Македонија со меморандуми пред Лондонската конференција и пред сојузните балкански држави, а исто така пред руската влада.
Сега почнавме да го издаваме специјалниот свој печатен орган „Македонски Глас“, чијашто задача е да се бори за неделивоста и независноста на Македонија и за обновување на Охридската автокефална црква.
Заради постигнување на нашата заедничка цел, најпокорно го молам Вашето Високопреосвештенство да ми го испрати неопходниот материјал за ова прашање заради напечатување во „Македонски Глас“.
Со молба за Вашиот архипастирски благослов, останувам Ваш предан слуга.
Д. Чуповски
14 јуни 1913 г. С.-Петербург Гончарнаја ул. 13