НА 36-ОТ БЕЛГРАДСКИ МАРАТОН УЧЕСТВУВАА СЕДУМ АТЛЕТИЧАРИ ОД ГЕВГЕЛИЈА
ТОДОР АНЧЕВ 59-ТИ ОД 5.000 ПОЛУМАРАТОНЦИ
На 36-от Белградски маратон кој денес се одржа во главниот град на Република Србија, учествуваа рекорден број на натпреварувачи, повеќе од 10.000 тркачи од околу 65 земји. Со тоа беше соборен рекордот од 2019 година од 8.500 тркачи. Тркачите се натпреваруваа во дисциплините маратон, 42,2 км, полумаратон од 21,1 км, и трките на 10 километри и Аква вива рекреативната трка од 2,3 километри.
Оваа година на Белградскиот маратон учество зедоа и седуммина атлетичари од АК „7-ми Ноември“ од Гевгелија, Славчо Станчев, Драган Ристов, Тодор Анчев, Цеца Нечевска, Цеца Србова, кои трчаа полумаратон и Никифор Џалев и Стојанчо Дојчинов кои се натпреваруваа на трката од 10 километри.
Вредно е да се одбележи дека после подолга пауза, Тодор Анчев се појави на стартот на полумаратонската трка и го освои одличното 59-то место од 5.000 натпреварувачи.
Инаку, резултат кој ќе остане испишан со златни букви е новиот рекорд на полумаратон во женска конкуренција. Го постави Кенијката Лидија Џебичи, која патеката долга 21.095 километри ја мина со време од 1:11:30 часот и со тоа за 11 секунди го надмина рекордот на легендарната Оливера Јефтиќ, кој важеше 15 години.
Лахгар Чакиб и Етиопјанката Фејне Гудето Гемеда се победници на 36. издание на Белградскиот маратон на кој учествуваа над 10.500 натпреварувачи.
Во машката трка беше возбудливо. Голема борба за победа водеа Лахгар Чакиб од Мароко и Френсис Шериот од Кенија. Во финишот Мароканецот имаше повеќе сили и до триумфот стигна со време 2:14.28 и награда од 5.000 евра.

Прегледи: 611