НA 10 МАРТ 1878 ГОДИНА ВО МАЧУКОВО Е РОДЕН ЛЕОНИД ЈАНКОВ
„ТРБА,ТРБИ, ГЕВГЕЛИСКА“ МУ Е ПОСВЕТЕНА НА ГЕВГЕЛИСКИОТ ЛЕГЕНДАРЕН ВОЈВОДА .
Леонид Јанков е роден на 10 март 1878 година во село Мачуково, од татко Трајко и мајка Ката. Селото Мачуково, кое се наоѓа на 4 км од Гевгелија, во втората половина на 19. век било многу развиено, со сите карактеристики за поголемите населби. Со развојот на чифлигарството во Македонија, започнува процесот на претварање на македонските селани во чифлогари.
Најголемиот чифлик-сајбија кој го држел Мачуково и половина Гевгелија била една жена, позната под псевдонимот Анмката. Османлиската бруталност предизвикала омраза, огорченост и спротивставување и со оружје со цел да се заштити честа и достоинството на селаните. За таа селаните си поставиле чувари за заштита на своите имоти таканаречени падари. Еден од падарите-заштитници на македонското население и имоти, во почетокот на 20. век бил и Леонид Јанков.
Во текот на 1903. година Леонид се наоѓал во четата на Манасиев, учествувал во востаничката борба во гевгелискиот крај против османлиското ропство. Тоа не била фронтална борба, туку се се одвивало преку диверзантски акции. По неуспешното завршување на Илинденското востание, во ноември 1903 година престанале сите борбени активности а поголемиот дел од востаничките чети се префрлиле во Бугарија. Со четата на Манасиев, тоа го сторил и Леонид Јанков.
Откако се враќа во 1904 година во гевгелискиот крај, Леонид заедно со Томе Донев и Миле Таушанов на подрачјето на Богданци развиле голема активност. Во текот на 1904 и 1905 година Организацијата претрпела тешки загуби поради се поголемите пресметки меѓу вооружените врховистички пропаганди од една страна и Организацијата од друга страна. Овие години биле години на големи удари врз нејзината жива сила а посебно врз раководниот кадар. Откако дешифрирале едно писмо упатено од градското раководство до Леонид, турската војска собрала 3000 луѓе и го опколиле просторот околу селото Ѓавато. Леонид со своите востаници бил засолнат во големите капини во месноста Ѓуров Дол.
Се развила нерамноправна битка, во која Леонид со итрина успеал да убие многу непријатели но кога му останале само уште два куршума, со едниот го убил јусбашијата а со последниот сам се убил, не дозволувајќи жив да падне во рацете на турците.
Тој ден сите камбани во градот биеле и целиот град татнел од нивниот звук. Повеќе од 3000 души од градот и околните села биле собрани на неговиот закоп, кој се извршил во дворот на гробиштата на црквата Свети Спас, во северната страна.

Прегледи: 333