МУЗИЧКИ ОБРАЗОВНИ СРЕДБИ-ГЕВГЕЛИЈА 2021

Во Гевгелија, вo тек е културната манифестација „Музички образовни средби – Гевгелија 2021“, во организација на ООМУ „Васо Карајанов“ – Гевгелија. Настанот опфаќа дводневна програма составена од интерактивна едукативна музичка работилница на која учество ќе земат музички педагози од основните училишта и од основните музички училишта од повеќе градови низ Македонија. Работилницата се одржа вчера, понеделник на 28 јуни, во Mалата сала на Народниот театар – Гевгелија. Како предавач на оваа работилница се претстави пијанистката Ловорка Немеш Дулар од Словенија која зборуваше на темата: „Развојот на техниката на свирење, музикалност, групно музицирање и пристап кон современата музика“.
Вечерта, со почеток во 19 часот, во просториите на Народен театар – Гевгелија, целовечерен концерт одржа пијанистката Јасмина Трајческа, која ја прославува својата 20-годишна концертна дејност. На концертот насловен како „Балканска рапсодија“ се изведоа дела од: Бојовиќ, Шопен, Матичиќ и Гершвин, а како гости зедоа учество Ловорка Немеш Дулар (пијано) и Сања Миленковиќ (пијано).
Денеска, на 29 јуни, со почеток од 10 часот, пијанистката Ловорка Немеш Дулар ќе оддржи неколку семинарски часови со ученици по пијано од ООМУ „Васо Карајанов“ – Гевгелија, како и ученици од средните музички училишта во Македонија.
Културната манифестација „Музички образовни средби – Гевгелија 2021“ како проект е поддржан од страна на Oпштина Гевгелија преку Програмата за култура, за 2021 година. Ќе се реализира во соработка со Дом на култура од Гевгелија, а помагатели се Фондацијата “Аполонија” и “Музички моменти” – Гевгелија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *