Денес се Младенци – еден од поголемите христијански празници од пролетниот циклус, кога се слави споменот на четириесетте војници од Севастија кои маченички загинале за христовата вера. Инаку овој празник е празник на младите сопружници кои стапиле во брак годината пред Младенци, односно оние кои се венчале после 22 март претходната година.
Задолжителен обичај е младите кои се венчале годината пред Младенци, на овој ден да одат во црква и да ги запалат свеќите од венчавката за да се догорат. Вечерта на Младенци најчесто во домот на младите доаѓаат гости да им посакаат среќа во бракот и желби за новороденче.
Во некои случаи на тој ден се оди на гости и во семејствата кои имаат новороденче.
Треба да се напомене дека Младенци секогаш паѓаат во време на постот, така што и гозбата која се подготвува тој ден треба да биде посна поради здравје и напредок на децата на младите сопружници.