Грчки војник кој присуствувал на чинот на стрелањето ќе ги забележи последните мигови на Мирка Гинова. Во писмото испратено до нејзиниот татко тој ќе напише: Ви
честитам
за ќерката што сте ја родиле. Ја пресретна смртта со насмевка на усните, смело, пеејќи и сите присутни се зачудивме. Во 5.30 и се доближив и прашав дали сака нешто да им напишам на родителите. А таа ми рече: ‘Ако милувате, пишете му го на татко ми следното: ‘Умирам за нешто во што верувам со сета душа, како чесна, а не како нечесна, за поарен живот на другите, а не за мојот‘. Беше чудесна, ниту пред смртта не покажа малодушност. А исто така и другите шестмина, но, повеќе таа. Не ви ги пишувам овие зборови за да ја пофалам вашата ќерка, туку ја изложувам само вистината што ја видов. Ве поздравувам јас, еден војник кого должноста го натера да присуствува на овој жален чин и ја имав желбата да ви ги напишам последните зборови на незаборавната Ирина, на сите позната како Мирка…”
„Јас сум Македонка и сум горда на тоа. Не убив никого, но се борам еден ден Грција да стане слободна татковина за сите Грци и Македонци. И ние, Македонците да бидеме слободни, да го зборуваме својот мајчин јазик, да имаме свои училишта, да нема повеќе затвори и рициново масло. Може ќе ме стрелате, но не се плашам“, рекла во 1946 пред судот во Ениџе – Вардар антифашистичка хероина од Егејска Македонија, Мирка Гинова.
Мирка Гинова е прва жена стрелана во Грција за политичка вина. Народот ја опеал нејзината смрт, а повеќе македонски поети на Мирка и посветија потресни стихови. Таа загина во одбрана на честа и за слободата на својот народ. Достоинствено, храбро, рамо до рамо со своите соборци, ги исполни историските завети. Меѓу младоста и куршумот ја избра бесмрноста.
Мирка била долготрајно, шеснаесет дена севезден тепана, ѝ биле откорнати нотите, ѝ биле ставани варени јајца под мишките, сол на отворени рани.
Според други историски извори, таа била жива закопана до висина на вратот, додека жандармите пукале над нејзината глава. Потоа, Мирка и шесте нејзини другари биле спроведени на судење во Ениџе-Вардар каде воениот суд ја осудил на смрт со стрелање. Заедно со другите соборци, Мирка Гинова била стрелана на 26 јули 1946 година.
За неа има и песна „Мирка уморна заспала“.Нејзината херојска смрт е опеана во повеќе македонски народни песни, а напредната грчка поетеса Рита Буми Папа, во својата книга „Илјада стрелани девојки“ посвети посебни стихови за смртта на Мирка Гинова.
Мирка Гинова, била родена во село Русилово, Воденско, во 1916 година во сиромашно семејство. На двегодишна возраст, останала без својата мајка, која умрела од грип. Нејзиниот татко, иако сиромашен, согледувајќи ја нејзината желба за знаење, со малку средства ја испратил на курс за учителки во Костур. Мирка и нејзиниот брат Ташко биле деца на Коста Гинов, учесник во Илинденското востание. Заедно со илјадници македонски и грчки патриоти, се бореше против фашистичките окупатори на Грција, а подоцна и против силите на реакцијата и монархофашизмот. Мирка Гинова беше жена која не го прифати животот како милост во замена за идеалите на македонската борба, за македонската слобода. Како борец на македонското национално ослободително движење, таа стана симбол за храброста на македонската жена. Завршила учителска школа и учителствувала во повеќе места. Илегално дејствувала по воденските и мегленските села, а во 1943 г. се вклучила во редовите на НОБ. Била секретарка на АФЖ за Воденскиот округ.
Кога била фатена, никого не предала од своите соборци и затоа била стрелана.