МЕЃУНАРОДНАТА ГРАФИЧКА РАБОТИЛНИЦА „СОФИЈА“ ВО БОГДАНЦИ, 17 ГОДИНИ Е БАСТИОН НА ГРАФИЧКАТА УМЕТНОСТ ВО РЕГИОНОТ

Во Богданци, на 20 август, започнува главната сесија на Графичката работилница „Софија“, која по 17-ти пат ги обединува најталентираните млади графичари од Македонија и регионот. Оваа уникатна меѓународна работилница е единствена од ваков тип во земјава и регионот и претставува еден од најзначајните културни настани за графичката уметност на Балканот.
 
Работилницата ќе трае до 27 август, кога ќе биде крунисана со завршна изложба на студентите учесници, и ќе биде поставена во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Оваа година, учесници на работилницата се 15 млади графичари од Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Македонија, кои ќе творат под менторство на професорката Ива Ќуриќ од Хрватска со асистенција од Вида Меиќ од Хрватска и Сања Жигиќ од академијата во Нови Сад. Уметниците ќе имаат можност да работат во сите класични графички техники: висок печат, длабок печат, рамен печат и пропустен печат.
 
Виктор Семенпеев, претседателот на Здружението на граѓани Графичка работилница „Софија“ Богданци, кое е организатор на настанот истакнува: „ Ова е единственото место каде студентите имаат можност да работат со сите графички техники, што е огромен придонес за нивното уметничко образование и развој. Нашата визија е да продолжиме да создаваме простор каде младите уметници од регионот ќе можат да ги развиваат своите вештини и да ја поттикнуваат својата креативност.“
 
Селекцијата на учесници ја вршат академиите и професорите, кои избираат по двајца најдобри студенти, наградени за постигнатиот успех за време на студиите.
Графичката работилница „Софија“ не само што ја одржува традицијата на графичкиот израз, туку и активно ја промовира графиката како специфичен и мошне моќен уметнички израз. Со фонд од над 900 графички листови во неколку примероци, оваа работилница е вистинско богатство за сите љубители на уметноста.
„Графичката работилница е место за средба на најталентираните млади графичари, точка на размена на искуства и идеи, и средиште за творештво на многу уметници. Графичката работилница стана препознатлив културен симбол не само во Македонија туку и во регионот,“ истакнува Ана Димчевска Семенпеева, дел од организацискиот тим на Графичката работилница.
 
Графичката работилница „Софија“ е основана во 2008 година и од тогаш е континуиран центар за творештво, соработка и размена на идеи меѓу младите графичари од регионот. Преку неа, досега поминале над 300 уметници од различни земји, оставајќи зад себе фонд од околу 900 графички дела. Работилницата е препознатлива не само во Македонија, туку и во целиот регион, како место каде што традицијата и современите графички техники се спојуваат во едно.
Главен поддржувач на работилницата е Печатница „Софија“ од Богданци, која од самото основање до денес го овозможува непреченото функционирање на овој важен културен настан, а нејзиното одржување годинава е потпомогнато и од Министерство за култура и туризам на Македонија.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *