Неодамна пишувавме за Александар Грујиќ, ученик во, сега веќе шесто одделение во ООУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија, за кого поголем број признати стручни лица од земјава и од странство тврдат дека се работи за вонсериски тениски талент.
„ Ми заврши одморот, ни кажа Александар, добро се одморив, и сега ме очекува стартот на школската година, но и учество на уште три тениски турнири во Македонија, два во Скопје и еден во Куманово.
Можам да кажам, дека сум сосема задоволен од она што го постигнав оваа година. И покрај рестриктивните мерки поради ковид пандемијата, и помалиот број на турнири, учествував на неколку од нив и постигнав солидни резултати. Така, во март месец го освоив првото место за играчи до 12 години на првенството на Македонија во Скопје, на терените на ТК „Југ“, во месец мај бев втор на отвореното првенство исто така во Скопје, во јуни месец бев трет во Кавадарци, на првенството кое го организираше ТК „Црна Река“, а во јули месец надмоќно победив на првенството во Неготино.
Во април месец зедов учество на Европското тениско првенство за млади до 12 години во Тирана. Стигнав до четвртфиналето, но морав да го напуштам турнирот поради Ковид ситуацијата.
Многу ми е драго што оваа година успеав да влезам во Тениската репрезентација на Македонија до 12 години, што го сметам за мој значен личен успех.
Кога зборуваме за плановите, ќе ви кажам дека имам намера да учествувам на Државното првенство, кое од 11 до 13 септември ќе се одржи во Скопје, во организација на ТА „Аеродром“, и тука ќе атакувам на првото место.
Последните два турнира на кои ќе настапам ќе бидат во Куманово и во Скопје, каде очекувам освојување на првите места. Она што е моја, и желба на мојот тренер, татко ми Љубиша е крајот на сезоната да го дочекам на првата позиција на ранг листата на Македонската тениска федерација на тенисери до 12 години, што ќе претставува круна на овогодишната моја тениска сезона.“
На крајот, да му посакаме и на Александар, и на неговиот тренер, таткото Љубиша, она што го планирале, и да го остварат, не само на нивна радост, туку и на задоволство на сите љубители на тениската игра и на стручњаците, кои во Александар гледаат тенисер кој во иднина ќе постигне големи достигнувања на тениските турнири ширум светот.