ЛОКАЛИЗИРАНИ ПОЖАРИТЕ КАЈ ПРЕЧИСТИТЕЛНАТА СТАНИЦА И ВО НОВО КОНСКО

Вчера, во попладневните часови избија два пожара, близу Прочистителната станица во Гевгелија и во Ново Конско. Пожарот кај Прочистителната станица, според информациите од ТППЕГевгелија, поради јачината на ветрот се проширил се до македонско-грчката граница, а зафатил повеќе земјоделски површини со житни посеви, неколку бараки и штали со добиток. Од страна на ТППЕ- Гевгелија се преземени мерки за локализирање и целосно гаснење на пожарот, со помош на механизација од ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија и неколку земјопоседници кои одгледуваат житни култури. Во гаснењето на пожарот учествуваа и пожарникари од Поликастро бидејќи истиот зафатил и мал дел покрај крајбрежјето на реката Вардар, на грчката страна. Во текот на денешниот ден, претставници на ТППЕ- Гевгелија, Дирекцијата за заштита и спасување, надлежните инспекциски служби и претставници од ПС-Гевгелија ќе извршат увид на опожарената површина. Во истиот период, вчера попладне, пожар избувна и во Ново Конско, крај патот кон Моин, кој зафати помала површина со нискостеблести растенија. Од страна на ТППЕ- Гевгелија е мобилизирана пожарникарска екипа за гаснење на пожарот. Брзата интервенција на пожарникарите од ТППЕ- Гевгелија и покрај силниот ветер спречи пожарот да се прошири и да зафати магацин, близу местото каде што избил. ТППЕ- Гевгелија уште еднаш апелира до граѓаните за совесно однесување, посебно до земјопоседниците да не ги палат стрништата и земјоделските отпадоци. Истовремено, ги потсетуваат и на делумната забрана за движење во шума и шумското земјиште на целата територија на РСМ која ја воведе ЈП Национални шуми, по претходно добиена согласност од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство. Забраната важи од 06:00 до 20:00 часот, а останува во сила до проценката кога ќе биде намален ризикот од појава на шумски пожари, односно до нејзино отповикување.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *