На тој кобен, жежок 8 август 2001 година, среда, во заседа кај Карпалак, животите ги дадоа десетмина прилепски бранители – Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Горан Миноски, Веби Рушитоски, Дарко Велјаноски, Марко Деспотоски и Пецо Секулоски. Неколкумина беа повредени. Повеќемина од тие што беа повредени веќе не се живи. Но и ден-денес преживеаните велат кога би можело да биде поинаку, ама не беше така, ниту пак некој може да објасни што им се случи.
И покрај тоа што во минатите години можеше да се направи анализа, сепак сѐ уште виси во воздух прашањето што се случи и зошто се случи да загинат недолжни чеда.
И на денешниот 8 август 2021 година со повеќе чествувања во Прилеп ќе се одбележи 20-годишнината од загинувањето на 10-темина прилепски резервисти кај месноста Карпалак.
Од 10 часот во црквата „Света Петка“ во прилепската населба Точила ќе се одржи панихида за загинатите, а напладне, од 12 часот е централното чествување пред споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп.
На централното чествување цвеќе ќе положи и делегација на Собранието на С Македонија, составена од пратениците Бисера Костадиновска-Стојчевска и Петар Ристески. А, на месноста Карпалак, од 9:30 часот, цвеќе ќе положат пратениците Марија Георгиевска и Александар Велјановски.
Повторно беше посочено дека најважно е ваков немил настан да не се повтори никогаш, но и да не се заборави од генерациите што доаѓаат и да се укаже дека сѐ може да се реши по мирен пат, без оружје и без насилство.