СОУ „ЈОСИФ ЈОСИФОВСКИ“ ПРЕКУ ЗБОРОВИ, МУЗИКА, ПЕСНА И КВИЗ ГО ОДБЕЛЕЖА ЕВРОПСКИОТ ДЕН НА ЈАЗИЦИТЕ 26. СЕПТЕМВРИ.

Европскиот ден на јазиците ни дава можност да ги цениме и промовираме сите јазици и култури во Европа. Од 2001 година, 26 септември е Европски ден на јазиците. Овој ден е посветен на промовирање на јазичната и културната разновидност во Европа, политиката за повеќејазичност и потребата на европските граѓани да учат и да го зајакнат своето познавање на повеќе европски јазици.
Иницијативата за одбележување на овој ден беше иницирана од Советот на Европа, која беше поддржана и од Европската унија. Денес, овој ден се слави во сите 47 земји-членки на Советот на Европа. Институциите, институциите и невладиниот сектор во земјите членки на Советот на Европа преку низа активности организирани на 26 септември ги потсетуваат граѓаните на важноста за доживотно учење и подобрување на јазичните вештини од сите возрасти, преку формално и неформално учење.
Со стиховите од Гане Тодоровски:
“Зборот го болуваш, Болот го зборуваш,
не го преболуваш, не го прегоруваш
и ќе те сотрат еден ден чинам
или убавите жени или лошите вина!“
учениците од СОУ ,,Јосиф Јосифовски “ од Гевгелија и нивните ментори ја започнаа манифестацијата во чест на денот 26 Септември – Европскиот ден на јазиците.
Манифестацијата се одржа во училишната аула, а содржините беа изведени на повеќе јазици.
Преку кажаниот и запишан збор, преку музиката и песната учениците покажаа дека јазиците немаат граници, тие припаѓаат секому, секаде и секогаш. Програмата започна со песната ,,Behold How Good“, на англиски, еврејски и македонски јазик во изведба на III 1 клас, под менторство на професорот Јове Самарџиев. Стиховите од песната „Ленка“ на Рацин, на македонски, англиски, германски, словенечки, српски и романски јазик беа во изведба на учениците: Јована Дупарова, Костадин Узунов, Јован Грозданов, Марија Проданова, Бојана Басова, Ата Теодор Аслан и Катерина Јовановска, под менторство на професорката Даниела Џишева.
На овој настан беше реализиран и квизот ,,Јазицирајте се“, подготвен од професорите: Кристина Пренда, Горан Манев, Ани Џинова и Емилија Дуганова, каде учениците имаа можност да ги покажат своите знаења за различните јазици. Во текот на настанот ученици под менторство на професорите Славица Маркова, Бисерка Макревска, Ивана Кркотиќ – Прошевска, Мирјана Чамџиќ и Вања Манчева, изработија повеќе хартиени паноа со креативно цртање и пишување на азбуки, зборови и афоризми на различни европски јазици. За ликовната работилница одговорна беше професорката Розета Картова, а за промоција на Малата слободна библиотека, професорката Жаклина Атанасова.
Програмата ја заврши ученичката Ања Поп-Костова која изведе музички композиции на турски и македонски јазик.
Исто така професорите: Емилија Дуганова, Кристина Пренда и Јован Самарџиев подготвија краток филм со пораки кажани на повеќе светски јазици.
Водители на настанот беа Зоран Кундурџиев и Весна Делева под менторство на професорките Даниела Џишева и Ивана Кркотиќ-Прошевска.
Медиумскиот клуб „Јоска“ беше задолжен за информирањето и фотографирањето на активностите од настанот.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *