ЈОРДАН ЈАНЕВ, АКАДЕМСКИ ВАЈАР, ПРАВНУК НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ
ЈОРДАН ЈАНЕВ, АКАДЕМСКИ ВАЈАР, ПРАВНУК НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ОТКРИВА:
„ВО ГЕВГЕЛИЈА ЖИВЕЕШЕ ЧИЧКОТО НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ И БРАТОТ НА НЕГОВИОТ ТАТКО НИКОЛА, ЃОРГИЈА ДЕЛЧЕВ, ЗА КОГО МАЛКУ СЕ ЗНАЕ ВО ЈАВНОСТА“
Предизвикан од секојдневните бугарски негирања на македонскиот идентитет и македонскиот јазик, а особено за присвојување на великиот Гоце Делчев, како еден од „најголемиот синови на бугарскиот народ“, академскиот вајар од Гевгелија, Јордан Јанев не повика да ни раскаже една интересна, за јавноста непозната приказна.
Се работи за животот на Ѓорги Делчев, родениот брат на Никола Делчев, таткото на македонскиот револуционер, Гоце Делчев.
Приказна за личноста која доаѓа да живее во Гевгелија, по балканските војни и протерувањето на Македонците од Егејска Македонија, и за која, би напоменале дека нема речиси никакви податоци во биографијата и историските списи за семејството Делчеви.
Како што е познато Делчеви се едно од најистакнатите македонски семејства кои дале голем придонес во македонското национално движење. Било едно од најстарите во Кукуш.
Родоначалник бил Делчо, за кого има многу малку податоци, а како се викала неговата жена не е познато.
Тие имале син Димитар или Митре, кој бил еденод истакнатите граѓани на Кукуш. Димитар се оженил со Марија од Солун и од овој брак произлегле синовите Никола Делчев, познат како Кољо и Ѓоргија Делчев, за кого повеќе ќе пишувамево оваа статија.
Никола и Ѓоргија биле браќа и претставници на еснафскиот македонски општествен слој, кој во 50 – тите и 60 тите година на 19 век играл значајна улога во развојот на економскиот и општествениот живот на Кукуш. Никола Делчев се оженил со Султана од с. Морарци, Кукушко, имал 5 ќерки: Руша, Цоца, Тина, Лика и Елена, и 4 сина: Гоце , Мицо (Димитар), Милан и Христо.
На Гоце Делчев, не му било судено да се вклучи во Илинденското востание, загинал со смртта на храбрите кај селото Баница, Серско, во мај 1903 година. Легендата за Гоце е жива и денес, а за неговата револуционерна дејност многу е напишано и премногу се знае.
Но, нас не интересира што се случувало со неговиот брат Ѓоргија Делчев. По палењето на Кукуш за време на Балканската војна во 1913 година, Никола Делчев заедно со семејствата на Христо Делчев и Руша се преселува во Горна Џумаја, додека брат му Ѓоргија доаѓа во Гевгелија.
Тука се жени со Кита, девојка од имотно семејство од селото Мрзенци, и добиваат три ќерки, Марија, Анета и Ирина. Тој се занимавал со трговија и со сточарство. Ѓоргија и Кита живеле во Гевгелија на денешната улица „Илинденска“ број 70, во куќа која во една прилика Турците ја разурнале, барајќи златни лири, за кои верувале дека фамилијата Делчеви ги имаат. Од оваа куќа и ден денес има останато еден дел, односно парче ѕид, дел од дуварот на куќата која во 1920 година ја изградил во Гевгелија Јордан Димков Докурчев од Велес, брат на познатиот револуционер од Велес, Андреј Димков Докурчев.
Јордан долго време живеел во Солун, а во Гевгелија доаѓа како домазет бидејќи се жени со Анета, една од ќерките на Ѓоргија Делчев.
И, од овде започнува поврзаноста на нашиот соговорник, вајарот од Гевгелија, Јордан Јанев како со фамилијата на братот на Гоце Делчев, Ѓоргија, така и со фамилијата Димови од Велес.
Јас, вели Јордан Јанев-Дане, сум правнук на славниот Гоце Делчев, но и внук на Јордан Димов Докурчев, чие име гордо го носам денеска. Роден сум на 27 мај 1948 година во Гевгелија од мајка Катерина Димкова Докурчева(ќерка на Јордан Димков Докурчев и Анета Делчева) и од татко, Васил Јанев( син на Менка и Никола Јаневи) од село Серменин.
Инаку, во историјата е познато дека Андреа Димков Докурчев или Андреа Димов со псевдоним Докурчев или Осман Бегович е роден 1878 година во Велес а загинал на 11 октомври 1907 во Будинарци, Беровско. Андреа бил македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно двиежење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.
Станал член на Организацијата во 1894 година, а во 1896 година, се приклучил во четата на Андон Ќосето, а подоцна станал четник и при Михаил Апостолов и Крсто Асенов.
Андреа и Гоце Делчев, раскажува понатаму Јанев се запознале во Гевгелија, бидејќи Гоце Делчев доаѓал често во овој град каде живеел неговиот чичко Ѓорги Делчев, и неговите први братучетки Марија , Ирина и Анета. Првите членови на ВМРО во Гевгелија се примени лично од нејзиниот идеолог Гоце Делчев, во пролетта 1895 година, за време на велигденските празници. Тој при тоа се задржал четири дена и не престојувал во куќата на неговиот чичко, Ѓоргија поради конспирација, туку преспивал наизменично во куќите на Илија Докторов, Томе Бајалцалиев и Андон Динков..
Андреа Докурчев бил горноџумајски околиски војвода во 1901 година и учествувал во аферата Мис Стон.додека во пролетта 1903 година заминал за Крушево со четата на Питу Гули.
За време на Илинденското востание, на 2 август со неговата чета прв влегува во Крушево, го завзема уќуматот(полициската станица) и телеграфот, се искачил на црквата и на камбанеријата го закачил револуционерното знаме кое било рачно извезено. Учествувал во заштитата на Крушевската република, а по востанието повторно бил војвода во Горноџумајско во периодот 1904 – 1905 година.
За време на комисткиот период, потенцира Јанев, тој одржувал врска со својот брат Јордан во Гевгелија, инаку мој дедо, преку еден поп од Прдејци, испраќајки поздрави и фотографии. По втората светска војна луѓе од велешкиот музеј доаѓаат во Гевгелија кај мојот дедо Јордан кој бил шивач и кадраџија (фотограф) по фотографиите кој дедо ми ги криел завиткани во партали во подрумот на куќата. Мојот татко Васил му ги дал фотографиите што ги нашол кои и денес се во Музејот во Велес.
Што се случило понатаму со првите братучетки на Гоце Делчев. Елена, кажува Јанев, заминала за Алабама, Соединетите Американски Држави, додека Марија и Анета остануваат во Гевгелија. Марија се мажи за Нано Сеизов од Гевгелија и имале една ќерка, Спасија, а нејзини потомци се Живко Султански, долгогодишен директор на „Вардар филм“, и Ленче Ѓоргиева. Анета, третата братучетка на Гоце Делчев имала две ќерки, Катина и Невена. Катина е мајката на нашиот соговорник Јордан Јанев, како и на Никола и Лиле Јаневи.
Денес живи правнуци на Гоце Делчев се останати Никола Јанев, пензиониран долгогодишен вработен во Македонската радио телевизија, Лилјана Јанева(Станишиќ) која живее во Белград, Јордан Јанев, нашиот соговорник, академски вајар кој дипломирал во Белград, како и Зоран Ѓоргиев, некогашен директор на „Стоби“, сега пензионер, Владо Ѓоргиев, доктор и Олгица Султанска, правник.
Многу жалам, изјави Јанев, што повеќе не е жив Живко Султански, бидејќи тој пишуваше и книга за семејното стебло на браќата Никола и Ѓоргија Делчеви, а која книга, која беше во ракопис е исчезната.
Се надевам, заврши Јанев, дека ова мое искажување ќе придонесе да се фрли малку повеќе светлина на ликот на Ѓоргија Делчев, а дека некој од историчарите ќе направат обид да побараат низ македонските и странски архиви многу повеќе материјал зачичкото на Гоце Делчев, Ѓоргија, кој заедно со својата сопруга Кита живееја во Гевгелија се до нивната смрт. Сега почиваат на Градските гробишта во Гевгелија.
Прегледи: 973