Во одличната организација на фамилијата на Венци Попов и Шаховскиот клуб „7-ми Ноември“, денеска во Негорските бањи се одржа првиот Меморијален турнир во брзопотезен шах „Венци Попов 2022“. Турнирот го отворија сопругата на Венци Попов, Катерина Попова, претседателот на Шаховскиот клуб „7-ми Ноември“, Пепи Танчев и Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Победник на турнирот, на кој учествуваа 85 шахисти од Македонија, Грција, Србија, Бугарија и Иран, со освоени 12 поени од 13 партии стана интернационалниот мајстор Филип Анчевски. Второто место, со освоени 10 од 13 поени, го освои интернационалниот мајстор Тони Лазов, додека трет беше велемајсторот Звонко Станојоски кој освои 9,5 поени од можни 13.
Најдобро пласиран гевгелиски шахист беше Тодор Андонов, кој го зазеде 21 место со освоени 7,5 поени.
Наградниот фонд изнесуваше 55.500 денари, а на крајот сите присутни , како организаторите, така и учесниците посакаа овој турнир да стане традиционален и уште многу години да не потсетува на великанот на гевгелискиот и македонскиот шах, ФИДЕ мајстор Венци Попов.