ИНКЛУЗИВНА ТРКА „RUN TOGETHER“ И ДОБРОТВОРЕН САЕМ „ИСЧЕКОРЕТЕ И ПОДАРЕТЕ“ НА ФОНДАЦИЈАТА „ИЦЕ БЕГОВ“ И ФОНДАЦИЈАТА „АПОЛОНИЈА“
Во сабота, на 4 ноември, во Гевгелија ќе се организира првата инклузивна трка во која ќе земат учество и лицата со попреченост, под име “ТРЧАЊЕТО НЕ ПОЗНАВА ГРАНИЦИ” – RUN TOGETHER во организација на ФОНДАЦИЈАТА „ИЦЕ БЕГОВ“ и АТЛЕТСКИОТ КЛУБ „7-МИ НОЕМВРИ“ од Гевгелија.
Истовремено „ФОНДАЦИЈАТА АПОЛОНИЈА“, во рамките на овој настан, организира Добротворен саем, под името „Исчекорете и подарете“, како дел од проектот на USAID „Здружи се за заедницата„ кој го спроведува Здружението КОНЕКТ од Скопје, во партнерство со „Фондацијата Аполонија“ и компаниите „Индиго“ и ЕВН.
На саемот ќе учествуваат граѓански организации и училишта кои на свои посебни штандови ќе ги изложат и продаваат своите ракотворби и производи, а и ќе собираат донации за своите цели и активности. Сите собрани средства ќе бидат употребени за добротворни цели, како на пример: Фондацијата Ице Бегов ќе опреми посебен парк; Центарот Мајка Тереза и Дневниот Центар ќе ги употребат за работилници, училиштата за хуманитарни акции за лица со попреченост,…
Учесници на добротворниот саем ќе бидат: Дневен Центар за лица со попpeченост Гевгелија, Национална Алијанса за лица со посебни потреби – Центар „Мајка Тереза“ Гевгелија, Здружение „Исчекор – општество за сите“ Валандово, Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености – Велес, „Аутизам ААМК“ – Скопје, Ангела Димитриевска, поетеса од Скопје, Фондација „Ице Бегов“, Фондација „Аполонија“, ООУ „Владо Кантарџиев“ – Гевгелија, ООУ „Крсте Мисирков“ – Гевгелија, ООУ „Ристо Шуклев“ – Негорци, ООУ „Климент Охридски“ – Миравци, СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија и СОУ „Гоце Делчев“ – Валандово.
„RUN TOGETHER” е уникатен спортски настан преку кој сакаме да докажеме дека секој чекор е важен, без разлика на способноста. Обединети, без ограничување и подделби по било која основа, ќе трчаме залагајќи се за колективна физичка и ментална благосостојба, заедништво и целосна социјална интеграција на лицата со попреченост.
Добротворен саем ќе се одржи од 12.00 до 16.00 часот (плоштад Гевгелија пред фонтаната), а во случај на дожд на терасата на хотел Аполонија.
Трката „Run together“ ќе започне во 13,30 часот пред споменикот на „Сава Михајлов“.


Прегледи: 351