Тел: +389076437227 
22 Sep, 2019
Log in

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me

„ВИНОЈУГ“- ОД ЗЕМЈОДЕЛСКИ ГИГАНТ ДО БЕТОНСКИ „СПАНКО“

Додека живеев во Скопје, таму некаде во 80-те години на минатиот век, и не ни сонував дека еден ден патеката на животот ќе ме донесе во Гевгелија. По разни поводи, родендени, журки или Нови години, омилени пијалоци мои и на моето друштво ни беа вината Тешкото и Јоска, Златната мастика, а најмногу прекрасните овошни сокови на „Зора“. Тогаш знаев само дека сите тие се произведуваат во Гевгелија, во комбинатот „Винојуг“, еден од најголемите земјоделски комбинати во тогашна Југославија. Но, како што беа убави и слатки тогашните сокови, горчлива и тажна стана судбината на „Винојуг“. Приватизацијата во транзицискиот период која се спроведе во Македонија, на почетокот на 90 –те години остави над 200 илјади луѓе без работа и стави клуч на околу 700 фирми во земјава. Преку тогашната Агенција за приватизација се трансфомирани или купени големите компании од кои денес произлегуваат најмоќните бизнисмени и претприемачи. Многу фирми кои добро работеа беа обезвреднувани преку фиктивни и долги стечаи или ликвидации. Се смета дека од земјите во Централноисточна Европа, за најнеуспешни се сметаат процесите на приватизација во Македонија и во Романија. Речиси нема поголем град во нашата држава во која не постои по некој „споменик“ на транзицијата. Исклучок не е ниту Гевгелија. Еден од таквите „споменици“ е некогашниот гевгелиски гигант, Земјоделско индустрискиот комбинат „Винојуг“, чија административна зграда, зарастена во трева, може да ја забележите, ако поминувате по патот од Гевгелија кон Мрзенци.Поради активирани хипотеки за (не) реални кредити, сомнителни договори за закуп и незаконски трансакции, во 2004 година, по петдецениско постоење престана да постои „Винојуг“. Останаа само сеќавањата на една успешна приказна на овие македонски и бивши југословенски простори, но и пошироко. Останаа сеќавањата на овошните сокови кои со својот квалитет беа најбарани од потрошувачите ширум Југославија, на Златната мастика, на вината „Јоска“ и „Тешкото“, на раноградинарските култури од оранжериите кои се продаваа од Вардар па до Триглав, на конзервите преработен зеленчук во погоните на „Зора“. А, приказната за „Винојуг“ започнува во 1952 година, кога со решение на Околискиот народен одбор, од малата откупна станица се формираше Земјоделско индустриско претпријатие „Винојуг“. Првите лозови насади се подигаат во 1954 година на шпалирска конструкција, за да во 1960 година шпалирскиот систем се заменува со одрински на над 300 хектари. Во 1970 година е постигнат и првиот гроздоберен рекорд, кога се собрани 7.430 тони грозје. Капацитетите на Винарската визба веќе во 1975 година изнесуваат 554 вагони а тогаш се инсталира и линијата за полнење на шишиња со вино, мастика и други алкохолни и безалкохолни пијалоци. Наредната година е пуштен во употреба нов ладилник со капацитет од 9.000 тони, најголем разладен простор во Македонија, а во осумдесеттите години тој капацитет достигнува 18.000 тони. Комбинатот тогаш располага со над 5.000 хектари обработливо земјиште, со лозови и овошни насади, ораници и бавчи. Оранжериите на „Винојуг“, кои се загреваа со цевковод со геотермална вода се протегаа на речиси 42 хектари на самиот влез на Гевгелија и во нив се одгледуваа домати, краставици и лути пиперчиња. Овој комбинат располагаше и со фабрика за преработка на овошје и зеленчук „Зора“ чиј капацитет изнесуваше над 10.000 тони конзервиран зеленчук и слатко, како и овошни сокови. Да ја споменеме и живинарската фарма во чии објекти се одгледуваа 400.000 кокошки-носилки. Комбинатот има свои претставништва во најголемите градови во Југославија и ги пласира своите производи, како на југословенскиот, така и на странскиот пазар. И, од ваков еден агро гигант, по повеќегодишна агонија, во 2004 година комбинатот се распадна поради оние причини кои ги споменавме на самиот почеток на нашата приказна. Така, од некогашниот земјоделски гигант кој вработуваше 2.500 работници и огромни капацитети, во кои годишно се произведуваа најразлични земјоделски производи, вредни 20 милиони евра, не остана ништо. „Винојуг“ буквално беше разграбен, а за продажба останаа трошките. Навистина жалосно.
Read 580 times