Тел: +389076437227 
21 Nov, 2019
Log in

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me

ЦРКВАТА „ВОЗНЕСЕНИЕ ХРИСТОВО“, НАЈСТАРА ЦРКВА ВО ГЕВГЕЛИСКО

Христово Вознесение е и Патронен празник на градот Гевгелија. Повод за преземање на христијанскиот празник „Свети Спас“ за патрон на Гевгелија е токму и називот на најстарата црква, воедно и манастир во Гевгелија – „Свети Спас„ Црквата„Вознесение Христово“ била една од најстарите цркви во градот. Според преданијата била изградена во 1842 година и е лоцирана во југоисточниот дел на Гевгелија, а која во својата прва фаза била замислена како манастирска црква, посветена на „Христовото вознесение“. На нејзиното место, според одделни кажувања, пред многу векови постоела стара црквичка – параклис, која со тек на времето била обновувана и оформувана до денешниот изглед. Првите податоци за нејзино подигање, од поново време,се среќаваат во 1803 година. Таа била мала црквичка со димензија 18 на 15 метри, градена во византиски стил како квадратна базилика, вкопана 2 метра во земјата. Ваквата конструкција на црквата се должела на забраната од власта која не дозволувана христијанските храмови да бидат повисоки од џамиите. Самата црква можно е да била обновена во 1842 година, како што подоцна поради војните била обновувана уште два-три пати. Во својата примарна состојба (1803 год.) црквата била поставена на ваковско место на кое биле засадени разгранети маслинови дрвја, како и други дрвенасти растенија. Според некои легенди, најпрво било предвидено оваа црква да биде градена од другата страна на Сува река. Луѓето носеле камења преку ден на тоа место, но кога наредниот ден ќе дошле, камењата ги наоѓале преместени на спротивната страна. Откако неколку пати се случувало истото, населението решило црквата да се гради на местото каде е и денеска. Манастирскиот комплекс зафаќа голема површина со манастирска црква, камбанарија, новоизградени конаци и уреден двор со лозје. Зад манастирските ѕидини се старите и нови градски гробишта. Во минатото имало повеќе маслинови дрва а околу манастирот бујна шума. На манастирскиот празник Свети Вознесение Христово – Спасовден се одржувал голем традиционален панаѓур, кој траел два дена. Тогаш доаѓале многу гости од околните села и поблиските градови, за чие сместување во минатото црковната управа во минатото изградиле неколку анови. Во текот на 50 тите и 60 тите години на 19 от век, гевгеличани отворено воделе антипатријаршиска и антифанариотска борба, што особено ја разгорувале и ширеле антихимандритот Хаџи Павел Граматиков Бохигропски, полјанскиот, дојранско – кукушкиот епископ Партениј Зографски и кукушките преродбенски учители Кузман Шапкарев и Венјамин Мачуковски. Денешната манастирска црква е петокорабна со дрвени рамни таваници. На источната страна е полукружната олтарна апсида, најверојатно сочувана од постарите градби на црквата за време на турското ропство. Главниот влез во црквата е на западната страна, каде се наоѓа и отворениот трем, а на северната страна високо се издига камбанаријата. Во црквата се сочувани две стари икони од 1767 година и тоа Вознесение Христово и Исус Христос Содржител. Овие две икони најверојатно биле на иконостасот како престолни на црквата од 18 от век. . Во октомври и ноември 2002 година иконостасот е обновен со нови декорации и премази кои трајно го заштитуваат. Покрај овој зафат, на старешната на црквата Прота јереј Миле Штрбевски, негова значајна заслуга е што ги извади од депоата на црквата запуштените 59 икони од постарите векови и ги презентира во галерија на икони во наосот на манастирската црква. Денес внатрешноста на храмот има сосема друг изглед и секој посетител на храмот со восхит ги разгледува старите икони и обновениот иконостас. Западно од црквата е изграден конак на кат во 1992 година со средства на црквата, а конакот има трпезарија со кујна, парохиски канцеларии, библиотека, сала за состаноци, простории за дневен престој и слично Верниците верувале дека црквата има чудотворна моќ да исцелува од разни болести, затоа на вечерта спроти патронот на црквата луѓе од блиски и далечни населби доаѓале да преспијат во црквата. Црквата „Свети Спас„ одиграла голема улога за ширењето на словенскиот јазик преку богослужбата. За тоа ни сведочи фактот што долго време на таванот на црквата стоеле книги и икони пишувани на словенски јазик. За тоа еве што запишал А.Тошев во својот опис на Гевгелија:„ Еден од калуѓерите, кој знае да пее само на грчки јазик, ни покажа во еден затурен агол на црквата икони од 1767 година со словенски натписи и рече дека на таванот имало скриени словенски книги, но владиката строго заповедал никој да не ги фаќа.„ На старите гробишта, крај црквата, е погребан Војводата Леонид Јанков, од село Мачуково, легендарен по песната Трба Трби Гевгелиско. За големината и значењето што го има овој манастир говори фактот дека истиот во минатото бил посетуван од голем број митрополити и архимандрити од Цариградската Патријаршија.
Read 375 times