Print this page

КУЛТНА ПАЛКА ОД НЕКРОПОЛАТА МИЛЦИ – ГЕВГЕЛИЈА

Некрополата Милци во археолошката наука е позната повеќе од четири децении, благодарение на заштитните ископувања уште од 1979 год. Топографската слика на некрополата укажува дека таа била организирана на една блага падина, која на североисток граничи со Богородичин Рид (Кофилак), а на југ со оддалечениот лев брег на реката Вардар. Предложената категоризација на “постари” култни бронзи во две основни групи: култни алатки и симболи на култот, добро го отсликува досегашното сознание за формите и улогата на конкретните типови бронзи, пред сé во затворените гробни целини. За некои ретки форми на култни предмети, претходно откриени во нејасен археолошки контекст, а сега изворно документирани во гробот бр. 111, се отвораат нови можности за нивно попрецизно датирање и вреднување. Токму со таков статус се и предметите од групата на “македонски” или “македонско-пајонски” култни бронзи, кои всушност биле дел од една сложена појасна гарнитура, врз која формално почива и карактерот на погребувањето. Највпечатливи помеѓу нив се композитните приврзоци со ажурирани волуминозни (шупливи) тела, еднообразно украсени со висулци од типот - “кафези за птици” (“Bird-cage”), што веројатно укажува на нивната типолошка и хронолошка хомогеност. Кај дел од нив, висулците имаат улога на придружни елементи , а дел од нив фигури раат самостојно . Застапеноста на овој широко распространет тип на висулци во периодот на железното време е забележан во делови на Луристан и Кавказ, преку Балканот сé до Италија, источна Франција и североисточна Шпанија, уште во текот на VIII век п.н.е. Целиот овој социјално/културен феномен што произлегува од почитувањето и манифестирањето на соларниот култ, примарно почива врз особеностите и симболиката на групата наоди наречена “македонски” или “македонско-пајонски” бронзи. Во дадениот контекст во интактниот гробциста бр. 111, особено внимание привлекува бронзениот композитен приврзок, лоциран под белезиците на десната подлактица на покојничката, работно именуван како “тркало со висулци. Покрај него бил приложен и еден предмет во форма на двоен шуплив конус во чија средина се наоѓа шупливо прстенесто задебелување што упатуваа на тулец - заглавка за натакнување Композитниот приврзок “тркало со висулци” се состои од еден масивен бронзен прстен со кружен пресек, врз кој е поставена седумкрака конусна решетка од правоаголни ленти, над кои е поставен конусовиден врв. На горниот дел од прстенот е фиксирана триаголна алка за закачување, а на долниот крај има три кружни алки, на кои се обесени по еден висулец од типот - “кафези за птици”. Компаративниот материјал за овој вид композитни приврзоци е скромен и се состои од еден документиран наод од гробот-питос од Бојмица - Axioupolis датиран во хронолошката рамка на некрополата, од средина на VII до средина на VI век п.н.е. , и еден наод без точно место на наоѓање од гевгелиско-валандовскиот регион. Помеѓу трите приврзоци има извесни сличности и разлики во основната конструкција. За разлика од седумкраките конусни решетки од Милци и Бојмица, наодот од гевгелиско-валандовскиот регион е со петкрака, а обликот на висулците кај сите три е разновиден. Специфичниот тип на висулците на приврзокот од Бојмица многу ретко се среќава, Такви исти, но во единечна варијанта во гевгелиско-валандовскиот регион се регистрирани кај два композитни приврзока од Дедели. По увидот на меѓусебната положба на двата двојни конуса – тулци, заклучивме дека може да се повлече права линија, која во моментот на погребувањето најверојатно претставувала дрвен стап/палка. Нивниот меѓусебен сооднос покажува дека овие два предмети всушност се еден вид опков/заглавци/тулци за натакнување на дрвениот стап, како дел од едноделна композитна конфигурација на чиј врв бил поставен третиот елемент, композитниот приврзок -“тркалото со висулци”. Ваквата композиција може да се идентификува како “култна палка” - можеби личен статусен симбол на покојничката. Претходно откриените единечни композитни приврзоци -“тркала со висулци” од Бојмица и гевгелиско-валандовскиот регион, во недостиг од металните опкови на палката, не можеле да бидат протолкувани и дефинирани на овој начин. Благодарение, пред сè на “in situ” позицијата на опковите/заглавки/тулци кои претпоставуваме дека се наоѓале на двата краја на дрвениот стап, на ваквата композиција ѝ ја дадовме формулацијата култна палка. Аналогија за ваква претпоставка најдовме на еден фрагмент од кантарос, откриен на атинската Агора, датиран околу 470/460 год. п.н.е. Во сцената на “Парисовиот суд”, покрај Парис и Хермес стои божицата Хера, која во левата рака држи палка - стап (жезло), со опков многу сличен на обликот на двојните конуси - тулци од гробот бр. 111.. Обичајот за носење култни симболи - “сончев диск” закачен или насаден на дрвен стап/мотка, најдобро го илустрира податокот на Максим од Тир, ретор и филозоф од II век пр.н.е. Сончевиот симбол бил носен од страна на поголем број учеснички во култот, во текот на молитвена поворка. Од суштинска важност е дефинирањето на ликот на Сонцето/Хелиос.
Read 331 times Last modified on Thursday, 23 May 2019 13:57