Тел: +389076437227 
13 Nov, 2019
Log in

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me

ГЛИГОР СТАРДЕЛЕВ-СЛИКАР,ИНОВАТОР,ФИЛОЗОФ

Во далечната 2006 година, за тогаш неделникот „Добар Глас“, направив интервју со Голе, така го знаат и го паметат гевгеличани Глигор Зафир Старделев. Муабетот го правевме во неговата соба, која му беше и атеље и дневна соба и соба за одмор. Правев муабет со уметник, со прв иноватор во областа на електротехниката, учесник на многу конкурси за идејни решенија на споменици и паркови, човек кој беше предаден со сето свое срце на уметноста и на својот роден град Гевгелија. Долго разговаравме за неговото детство, поминато крај Сеавската река, крај реката Вардар, за фудбалот кој го играле , на „мали голчиња“ заедно со Шеки, во тогашното Карајаново маало, кое во турското било познато како Дере маало(Водено маало, зошто на турски „дере“ значи вода), за жмурките кои ги играле пред спиење. Накратко, неговата животна приказна е многу интересна. Основно училиште завршил во „Владо Кантарџиев“,а омилен предмет му бил физиката. Се запишува во средното училиште во Железара во Скопје, затоа што тогаш давале стипендии, а паралелно тренира фудбал во екипата на Вардар. Како стипендист на Железара го праќаат во Зеница, каде останува една година, но и каде ја остава, како што велеше, љубовта на неговиот живот, преубавата Недељка. Кога се враќа во Скопје, неговиот пријател Гаспар му ја дава романсираната биографија на Винсент Ван Гог-„Жед за живот“. Од тој момент не престанува неговата жед да ги проучува ликовните дела на големите сликари, и да го запознава животот од неговите убави и лоши страни. Оди во Париз, останува таму три години и, проучувајќи ги сликите на големите уметници , создава свој критериум за тоа што е добра слика.Таму создава само три слики, а другото време го поминува во анализирање и посматрање на ликовните дела кои ги гледа во Лувр. Кога се враќа во Гевгелија до 1982 година изработува слики во манирот на американскиот неореализам и францускиот неоелектизам. Сликам, ми вели, како што гледам, мислам и чувствувам. Во 2000 година ја прави првата самостојна изложба во Народниот театар а гевгеличани сеуште се сеќаваат на оваа изложба која сеуште го држи неофицијалниот рекорд на најпосетувана изложба во периодот од 10 дена колку што траеше. Од тогаш ќе ги запамети двата искрени коментара за неговото сликарство, едниот на познатиот Гаспар кој рекол дека само тој, Старделев има покажано нешто во сликарството, и вториот, и вториот на една постара Ромка која гледајќи ги неговите слики на изложбата, извикнала, еве го мојот комшија. Успех е, ми вели Старделев, да натераш луѓе кои не се разбираат од уметноста, да се воодушевуваат на твоите слики. Многу емотивно раскажува за неприфаќањето на неговото идејно решение за за грб и знаме, кое ги содржи, според него сите елементи по кои се препознава Гевгелија, две букви Г, со значење на гев-гел, двете уши, два ѕевгара, главната улица, од станица до граница, една тепсија и два патрона на Леонид Јанков. Електротехниката му беше посебна страст. Имаше еден интересен патент-постројка за автоматско мотање на сериски калем, но поради немањето финансиски средства не го беше патентирал овој свој изум. А, тогаш ми раскажуваше за вториот негов пронајдок, кој мислеше да го реализира со неговиот син и со кој ќе се овозможеше за само 1000 евра едно семејство само да произведува електрична енергија. Глигор работеше и како наставник по ликовно во Стојаково, а во 2016 година на наговор на своите пријатели од Друштвото на ликовните уметници од Гевгелија, се случи и неговата втора самостојна изложба. За оваа изложба, при нејзиното отворање, ликовниот уметник Миле Ничевски ќе ја каже целата суштина на ликовниот опус на Старделев. „Тоа е, ќе каже Ничевски, како еден вид на искривено огледало во кое се препознаваме себеси, односно своите слабости и маани на еден симпатично искарикиран начин. Тоа е општествена сатира истовремено комична и саркастично горчлива и сурово искрена како што реалноста знае да биде но и шербет блага, како пијаниот поглед полн со сочуство или трогателна како поразениот поглед без осуда, на некој од “анти-хероите” во неговите платна. На кратко, авторот ја насликал душата на градот кој веќе го нема. Град кој според авторот пребрзо се менува и исчезнува пред нашите очи. Духовниот пејсаж кој неповратно се сменил и постои само вака конзервиран во платната на Глигор. Оттаму, авторот чувствува потреба како уморен хроничар кому како насушна потреба е да го забележи секој камен од калдрмата или да ги опише силуетите пред тие конечно да исчезнат од нашиот видик. Без разлика дали слика портрети или мотиви од Гевгелија, авторот тоа го прави секогаш со многу сочуство кон своите антихерои а старите разрушени куќи од плетар ги третира како антички руини. Оваа широка палета на емоции може да се види насекаде: од благиот “Портрет на мојот татко”, едно од неговите најрани дела, до циклусот “Артисти” – пародија на “Ноќната Стража” од Рембрант. Овие циклуси, заедно со циклусот “Државни празници”, како и најновиот циклус од петнаесеттина дела се есенција на творештвото на Глигор Старделев. Во циклусот “Државни Празници” главните глумци, може така слободно да кажеме, уморно парадираат по старата градска калдрма, додека над нив иронично и празнично се вее бајракот со црвена петокрака, знамето на бившата ни држава, сето тоа во една бодлеровска атмосфера. За жал, Голе повеќе го нема меѓу нас, не чекори повеќе по старите калдрми и новите улици на неговата родна Гевгелија, во која беше вљубен и која беше „епицентар на неговиот сопствен универзум“. Сега тој, најверојатно чекори по пространите небесни патеки, гледајќи го од таму, горе, својот град и своите сограѓани, може слика некои нови слики, измислува некои нови изуми од електротехниката, или можеби со чашка во раката „разговара“ со своите идоли, Винсент ван Гог, Морис Утриљо, Вијар, Бонар, Курбе, Џорџо де Кирико, француските фовисти и симболистите. Остануваат неговите слики кои се блиски до обичниот човек, неоптеретени со галеријската претенциозност и непотребни и вештачки украси а сепак стилски зрели, и како форма и како содржина и деликатно во својата лично филозофска и емоционална длабочина.
Read 745 times Last modified on Thursday, 23 May 2019 13:59