Тел: +389076437227 
22 Nov, 2019
Log in

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me

Вести

ГЕВГЕЛИЈА ЌЕ ДОБИВА ГАС ПРЕКУ ГРЦИЈА

Од општина Гевгелија информираат дека Гевгелија ќе биде вклучена во проектот „Интерконективен гасовод МК-ГР“, а тоа значи вклучување на јужниот крак од гасоводот во соседна Грција, кој ќе минува меѓу Гевгелија и Богданци. Ова беше потврдено на средбата на градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков со експертите на АД за вршење на енергетски дејности во државна сопственост „Македонски енергетски ресурси“, кое е одговорно за реализација на овој проект. Со потпишувањето на договорот меѓу Грчката асоцијација за гасификација и Националната агенција за гасификација на Република Северна Македонија, создадени се услови за приклучување на нашата земја и на гасоводниот систем во Грција. Имено, бугарскиот гасоводен довод, кој во нашата земја ќе влегува кај Деве Баир, е недоволен за задоволување на потребите. Оттука и вклучувањето на грчкиот гасовод во македонската гасоводна мрежа ќе овозможи создавање на услови за гасификација на поголемиот дел од земјата. На гасоводната линија од соседна Грција ќе бидат приклучени општините Гевгелија, Богданци, Демир Капија и Неготино. За таа цел, по обезбедената финансиска поддршка од Европската инвестициона банка, АД„Македонски енергетски ресурси“ започна со реализација на проектот и изработка на првичната студија. Со проектот ќе биде проектирана и изградена примарната гасоводна мрежа, која предвидува внесување на гасот од соседна Грција и негово транзитирање до мерните регулаторни станици на секоја од четирите општини. Обврска на општините е потоа да ја проектираат и реализираат секундарната гасоводна мрежа. За потребите на студијата, која треба да биде готова до јануари идната година, општината треба да ги обезбеди сите потребни и релевантни податоци, по што ќе уследи широка јавна расправа. Се очекува целата проектна документација да биде готова до пролетта во 2020 година, по што ќе уследат активности за реализација на проектот. Градоначалникот на општина Гевггелија Сашо Поцков го поздрави приклучувањето на општина Гевгелија кон јужниот гасоводен крак и гасоводната мрежа во Република Северна Македонија, изразувајќи подготвеност за соработка. Притоа, оцени дека добро е што активностите за реализација на примарната гасоводна мрежа се совпаѓаат со активностите за изградба на секундарната гасоводна мрежа. Особено, пројавениот интерес од грчки компании за изградба на мерни гасоводни станици во Гевгелија и Поликастро. Покрај изработката на проектната документација и за двата зафати, значајно е навреме да се договорат условите за менаџирање со секундарната гасоводна мрежа, потенцираше Поцков.
Read 279 times