Тел: +389076437227 
22 Sep, 2019
Log in

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me

Вести

„ФАКЕЛОТ ОД СЕРМЕНИН“ НА ПРВИТЕ ПОВОЕНИ УЧИТЕЛИ СЕУШТЕ ИМ ГО ОСВЕТЛУВА ПАТОТ НА НОВИТЕ ГЕНЕРАЦИИ УЧЕНИЦИ ВО ГЕВГЕЛИЈА

Оваа недела, уште една генерација на првооделенци од општина Гевгелија за прв пат седна во училишните клупи и го започна својот пат кон освојување на што повеќе знаење и, што е уште поважно, кон свое изградување како хумани и креативни личности полни со љубов и верба кон човекот. Затоа, ова е вистинското време да проговориме збор два за развојот на образовно-воспитниот процес во Гевгелија и гевгелиско, но, и за првите повоени македонски учители кои ги направија првите чекори на повоеното национално школство во Гевгелиско – валандовското подрачје во септември, октомври и ноември, 1944 година од селото Серменин. За развојот на просветувањето и образованието на народот од Гевгелија и гевгелиско, голема улога има преродбенската дејност во втората половина на 19-от век, која ја спроведувале Венјамин Мачуковски, Кузман Шапкарев, Партение Зографски И Хаџи Павел Божигропски кои често престојувале во гевгелиско. Првото македонско народно училиште во Гевгелија е отворено во 1860 година, а во учебната 1891/92 година е отворена и првата паралелка на Прогимназијата( 1 клас ) со 32 ученика. Значајна улога во развојот на просветата и образованието но и на развојот на националното движење во илинденскиот и постилинденски период одиграле Сава Михајлов, Аргир Манасиев, Илија Докторов, Никола Д Бојаџиев, Апостол Петков и Андон Костов. Така, до учебната 1904-1905 година, во гевгелиските училишта учеле вкупно 659 ученика. Од крајот на 80 –те години на 19 – от век до 1912 година од Гевгелија средно образование завршиле 65 ученика а високо и вишо, 10 ученика. Но, потоа, поради Балканските војни и Првата светска војна и поделбите на Македонија, развојот на просветата и образованието стагнира. Така, во периодот од 1919 до 1941 година, во целиот гевгелиски крај средно училиште завршиле само 30 ученика, а 12 студенти дипломирале на разни факултети. Во Втората светска војна, значајно беше учеството на гевгелиските ученици и студенти како и грижата за образованието во слободата. Кон крајот на септември 1944 година во селото Серменин, под раководство на Ристо Елимов, се одржа семинар за завршените ученици од 5, 6 и 7 клас гимназија, на кој се запознаа со основните подготовки околу организирањето на учебната година, првите повоени учители, со учество на 75 курсисти на првиот и вториот курс. Во почетокот на ноември 1944 година тие заминаа по населените места во гевгелиско, дојранско и валандовско, каде што беа отворени првите македонски училишта во кои за прв пат започна да се изведува настава на македонски јазик. Во учебната 1945/46 година во гевгелија е отворена првата неполна гимназија.
Read 190 times