Тел: +389076437227 
22 Sep, 2019
Log in

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me

Вести

ДЕЦАТА ОД НАШАТА УЛИЦА СИ НАПРАВИЈА СВОЈ ВЕСНИК

Во време кога повеќето од младите од нашиот град „висат“ на своите мобилни телефони или седат дома пред компјутерите, една мала група на деца од нашата улица, решија да направат нешто сосема друго за себе и за своите другарчиња. Во нивните мали, „бушави“ и паметни глави се роди идеја да направат свој сопствен весник во кој ќе пишуваат за она што е нивно секојдневие. Така, во првиот број кој го нарекоа „Наша Мала“ тие пишуваат за се она интересно што се случува во нивната мала, за училиштето, за музиката што ја сакаат, за спортот, за навивањето за својот клуб „Кожуф“, но и за „Барселона“, за филмовите и видео игрите што им се допаѓаат, за маалските игри, како „четка“ и „мижимала“, а има и цртежи и фотографии кои ги направиле од нивната мала. Како и секој сериозен весник си имаат и уреднички „колегиум“. Главни уредници се Данијела Тимчева, Анастасија Танева и Крстин Ничевски, а помошен уредник е Петар Карајанов. Имаат и голема помош од страна на нивниот „ментор“ Миле Ничевски, но целата содржина на весникот, како и енергијата и ентузијазмот се само нивни. Како што ни кажаа, тие самите се и колпортери и го продаваат својот весник во нивната маала, која се наоѓа десно од семафорите кај „Алчинот“, но и во околните мала. Улиците „Рајко Жинзифов“, „Самуилова“ и „Ристо Фршинин“ не се веќе само познати по неколкуте уметници кои живеат овде (Ничевски, Јанев, Гаспар Петров...) туку тие се познати и по децата кои станаа синоним за сплотеност и тимска рабоата. Ќе дознаете и зошто. На овие умни глави им текнало местото каде што играат, нивната улица, да ја направат како детска мала држава. И во неа функционира сѐ како што функционира во секое современо општество. Секое ќоше во улицата е одбележано. На оваа улица постои катче за играње фудбал, затоа што има одбележан фудбалски терен. Постојат специјални места за криење кога децата играат криенка, па замислете постои дури и одбележано место каде треба да се мижи. И убавината да биде уште поголема, кога се игра „криволица“ има посебни камчиња кои се нацртани и обоени. Но, приказната не завршува тука. Од неодамна децата си отвориле штанд на кој ги продаваат своите рачни изработки (цртежи, камчиња...), но за вистинско изненадување овде е и првиот број на весникот „Громови“, како што всушност се вика и групата од ова маало. Весникот чини 20 денари, а парите заработени од неговата продажба, младите новинари ќе ги употребат како донација за децата со посебни потреби, но и за сите оние кои имаат потреба од финансиска помош. Првиот број е направен, а нас ни останува да им посакаме овој ентузијазам уште долго да ги држи, и со нивниот пример да „заразат“ уште многу деца од другите мала, кои ќе тргнат по нивниот пример. Љубчо Алексовски Тони Аврамов
Read 878 times