Градот е врв на цивилизацијата. Градот е еден свет, а станува еден голем град. Неимарот низ вековите активно учествувал во градбата со својата мудрост и есенцијални вредности. Градот е креативен процес, истражување, промислување, уметност…
Градот е колективна неимарска имагинарна креативна егзистенција.
Малите градови имаат своја душа. Го чувствувам пулсирањето на Гевгелија и сребрената душа на нашата младост. Низ градот се запоточуваше едно бескрајно корзо, заизворуваше една младост која се противставуваше на минливоста, сакајќи да биде вечна.
Гевгелија беше град на една светлосна хармонија, град на свилената буба, на медитеранските цвеќиња, град со дух, драматична вертикала на едно самоискачување. Гевгелија беше град на младоста која ги осмислуваше своите вознеси, возгледи и светлини.
Старата чаршија во нашите сонови продолжи да младее со својата срмена душа: бакалници, тепсии, ќепенци, калдрми, древни двери, мангала, вршници, плетени кошници, ѓумчиња, ѕвездени ѓердани, провиденија…
Етимолошки чаршијата значи средба (“чарши гу“), вкрстување на две улици, два сокака, на многу патеки.
Гевгелија е град на уметноста, на археолошкото богатство, смисла на животот. Со носталгија една младост живее со сеќавањето за кино-претставите во Соколаната, а потоа во новото кино “Култура“ и летната кино бавча. На првите игранки (пак во Соколаната и во монополската бавча кај “Арапската куќа“), на Градската кафана “Задругар“ и истоимената летна бавча, на врелите вардарски плажи, на серенадите…
Еден музиколог запиша: “Кога ќе го чујам она ’Т’рба т’рби гевгелиско…’ верувам дека тој звук надоаѓа од небесата и дека тоа е химна на сите богови и на сите луѓе на земјата. Ние допрва ќе ги одгатнуваме тајните и на нашите зборови и на нашата музика.“
Под светлината на нашето медитеранско небо нашата песна не може да биде ништо друго освен слобода на духот, празник од бои, Хомерово море зад границата, сон на душата, архетипи кои ги носиме во нашата крв, внатрешно свето писмо, необјатие, семантичка меморија, филозофија без зборови, врв како највозвишена смисла на нашата опстојба, жизнерадосна креација, летопис на нашето патување низ страниците на доблеста.