И ВО ВРЕМЕТО НА ДИГИТАЛИЗАЦИЈА, ПИШУВАЊЕТО И ЧИТАЊЕТО ТРЕБА ДА ОСТАНАТ ОСНОВНИ ВЕШТИНИ ЗА МЛАДИТЕ ЛУЃЕ“
-ВЕЛАТ ВО ИНТЕРВЈУ ЗА „ВЕЧЕР“ СТЕФАН МАРКОВСКИ, ЕЛИЗАБЕТА ИНАДЕСКА ЕФРЕМОВА И ВАЊА МАНЧЕВА
ВТОРА РАБОТИЛНИЦА ЗА КРЕАТИВНО ПИШУВАЊЕ ВО ГЕВГЕЛИЈА.
Креативното пишување е секое пишување што оди подалеку од стандардното техничко пишување кое се заснова исклучиво на факти. Тоа е динамична, креативна форма на писмено изразување, која не мора секогаш да се однесува на традиционалните литературни форми, туку и на нови, современи форми на писмена комуникација како што се блогови, односи со јавноста, маркетинг и слични текстови.
За жал, креативното пишување во денешниот живот е речиси целосно запоставено. Купиштата СМС пораки кои секојдневно ги пишуваме не се „креативно“ пишување, туку пишување заради едноставно пренесување информации. Креативно пишување е на пример пишување писма, во кои не можеме да се потпреме на емотикони како калапи на нашите расположенија, ставови и чувства, туку мораме да ги артикулираме нашите чувства со свои зборови.
Ова е и причината зошто се чуваат старите писма и разгледници, и зошто и денес често се објавуваат антологии на најголемите љубовни писма и зошто утре никој нема да објави антологија на нашите вибер или фејсбукк пораки, освен можеби како неволни и ефемерни шеги.
Во светот на технологијата, развојот на вештачката интелигенција и културата на кратки содржини, има ли потреба од читање и пишување кај младите?
Втората работилница за креативно пишување, која деновиве, во организација на Библиотеката „Гоце Делчев“ се одвиваше во Гевгелија, дава позитивен одговор на ова прашање.
Еве што за оваа благородна идеја ни изјави директорот на Библиотеката, писателот Стефан Марковски:
„Втората работилница на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ – Гевгелија за создавање приказни во менторство на Елизабета Инадеска Ефремова и Вања Манчева, која се одржа во просториите на СОУ „Јосиф Јосифовски“ – Гевгелија, имаше за цел да се надоврзе на минатогодишната иницијатива за поддршка на младите книжевни таленти во нашата општина. Цениме дека возраста од 11 до 18 години е период кога веќе почнуваат да се пројавуваат почетните страсти врзани за пишувањето, па и да разискруваат во облик на први книжевни обиди.
Интерактивниот и иновативен пристап во ваквите работилници ги бодри учениците да го изнесат својот книжевен израз на хартија, каков тој првично и да е, понатаму насочувајќи го во согласност со одредени книжевни правила и конвенции.
Будејќи интерес за пишувањето кратка проза и книжевни ситуации, како и обликувањето книжевни ликови и сопствен, автентичен книжевен стил, учениците во месец август, период кој беше избран за одржување на работилницата заради ослободеноста од повеќето училишни обврски, успешно ја реализираа и втората работилница од ваков тип.
Заедно со менторките кои ја реализираа, се надевам и јас дека работилницата ќе опстои на овие свои цели и ќе успее да ја негува љубовта кон литературата и од нејзината друга страна, покрај читателската – авторската. Засега ги имаме сите причини да ја имаме оваа верба.“
Еве што за целта, содржината, потребата и одзивот на ваквите работилници ни рече менторката, професорката Елизабета Инадеска Ефремова:
„Целта на оваа работилница е да ги поттикне младите учесници на креативност,развивање на изразувањето преку пишан збор, и да ги научи младите како да конструираат и раскажуваат приказни. Дополнително, работилниците често поттикнуваат и самодоверба во пишувањето и овозможуваат учесниците да ги споделат своите идеи, да соработуваат во креирењето со давање мислење, поттикнување идеи . На ваквите креативни работилници, младите можат да научат многу аспекти на пишувањето расказ, како на пр. Како да создадат структура, вклучувајќи вовед, развој на заплет, кулминација и крај; како да креираат комплексни и веродостојни ликови со свои уникатни мотивации, карактер и емоции; како да користат описни детали за да создадат убедливи светови и сцени кои ќе го вовлечат читателот; како да ги вметнат емоциите на начин, кој ќе допре до читателот; како да создадат интересен и динамичен заплет кој ќе го држи вниманието на читателот.
Многу сум задоволна од одзивот на младите екреативци. Нивната страст и енергија беа инспиративни, а нивната подготвеност креативно да се изразат преку пишаниотзбор, за мене беше навистина охрабрувачка. Има голем потенцијал кај младите, треба само да се поттикне и поддржи. Верувам дека учесниците на работилницата ќе продолжат да ги развиваат своите вештини и еден ден ќе ни подарат извонредни дела со кои ќе ја збогатат македонската литература. Иако технологијата нуди нови форми на комуникација, сметам дека, традиционалните вештини за читање и пишување остануваат основа за ефективно користење на тие технологии, како и за целосен личен и професионален развој.
Нејзината колешка, професорката Вања Манчева, истакна:
„ Крајната цел на овие работилници е секако да се охрабрат учениците од основно и средно образование во својата креативност за творење. Преку целиот процес разменувавме мислења, информации, идеи, преку различни техники ги совладувавме чекорите на создавање расказ, но остававме да имаат апсолутна слобода во тоа како тие ќе ги оживеат приказните и ќе им дадат животен тек.
Беше забавно затоа што секој имаше задача да го прочита напишаното и да се дискутира за тоа. Имавме убава бројка на ученици, основци и средношколци, кои сакаа да присуствуваат и сметаат дека имат и можат да создадат приказна што би сакале да ја напишат. Неизбежно е да зборуваме за дигитализација, но и таа може да го подобри или олесни целиот процес ако се користи рационално. Вештачката интилигенција е овде и планира да остане, се надевам дека секој ќе може да го најде својот модел за нејзино користење со цел да го унапреди квалитетот на своето живеење.
Но и во времето на дигитализација, пишувањето и читањето остануваат основни вештини за младите луѓе. Тие секогаш ќе бидат основа за градење на една личност, формирање критичкото размислување, употреба на јазични вештини, развивање на емпатија… Колку повеќе имаш прочитано, толку подобар си во читањето на своите емоции и емоциите кај другите луѓе.“
На крајот јас би истакнал дека иако не постои формула како некој да научи да пишува, едноставно, ако не се обиде, нема да открие каков потенцијал има внатре во себе. Затоа е вредно, преку вакви работилници за креативно пишување, да се поттикне ученикот да се одважи, да ја тестира својата креативност. Некои можеби ќе продолжат да пишуваат сериозно, некои можеби не се толку упорни, но верувам дека повеќето од посетувачите на работилницата ќе продолжат да пишуваат во иднина, барем одвреме-навреме, бидејќи мислам дека предизвикот на белата хартија е еден од најсилните импулси за пишување..
Прегледи: 49