ГРАДОНАЧАЛНИКОТ САРАМАНДОВ ГО ОДИГРА ПРВИОТ ПОТЕГ НА ОТВОРАЊЕТО НА ШАХОВСКИОТ КЛУБ „7-МИ НОЕМВРИ 2021“

Со симболично повлекување на првиот потег, во партијата против секретарот Слободан Дачев, градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, свечено го означи почетокот на работата на новиот шаховски клуб „7-ми Ноември 2021 во нашиот град.
 
Пред голем број на љубители на шахот, претседателот на клубот, Петар Танчев, најнапред искажа задоволство што после цели 25 години во Гевгелија повторно ќе заживее шаховскиот клуб „7-ми Ноември. Тој ја истакна благодарноста до градоначалникот Сарамандов, по чија иницијатива се реотвора овој клуб, како и на општина Гевгелија која учествуваше во набавката на опремата потребна за еден ваков клуб, како и со отстапување на просторијата која се наоѓа во Месната заедница, на улица Маршал Тито, позади зградата на стариот Извршен совет.
 
Главна цел на овој клуб, истакна Танчев ќе биде работата со младите, за што ќе се отвори и шаховска школа за пионери и младинци, кои ќе навлегуваат во сите тајни на оваа древна игра. Секој месец, потенцираше Танчев, ќе се организираат брзопотезни турнири, а на крајот на годината, најдобриот ќе биде прогласуван за најдобар шахист на Општина Гевгелија.
 
Во минатото доста популарна игра меѓу гевгеличани беше шаховската игра. Градската шаховска екипа „Ново поколение“, односно „7 Ноември“ во еден момент броеше и над 100 членови. Инаку, оснивач на овој клуб во 1964 година беше познатиот доктор интернист Александар Сингер, кој негуваше блиско пријателство со многу познати југословенски и светски шахисти, а некои од нив, како Глигориќ, Лазаревиќ, Спаски, Гелер, Ивков и други играа симултанки во Гевгелија.
 
Најголем успех во шахот имаат постигнато Живко Јаневски, светски првак во проблемски шах, Венци Попов, кој три пати беше младински првак на Македонија, и Ѓорги Прошев. Неколкумина ентузијасти, меѓу кои Пепи Танчев, Слободан Дачев, Борче Најдески, Борче Танчев, Петар Димов и Славчо Кочев, неодамна повторно го оформија Шаховскиот клуб „7 Ноември“, овој пат под име „7-ми Ноември 2021“. Претседател на Клубот е Пепи Танчев а секретар Слободан Дачев

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *