„ГОБЛЕНИЗАЦИЈА“- ПРЕУБАВА ВЕЧЕР ИСПОЛНЕТА СО ИЗЛОЖБА НА ПЛЕТИВА И ЧАЛГАЏИСКА МУЗИКА

Сношти, на просторот во и пред Уметничката галерија „Амам“ преку добро осмислен перформанс, а во организација на Одделот за етнокореолошката дејност при ЈОУ Дом на култура “Македонија” и во соработка со НУ Музеј – Гевгелија, присуствувавме на интересен настан. Уметничко „бакнување“ со едно минато време, кое денеска постои замрзнато само на старите фотографии и на вака организирани настани.
 
Видовме разни плетива изработени рачно од нашите мајки и баби и слушавме чалгаџиски напеви во изведба на вокално – инструменталниот состав ЧАЛГИЈА во состав, Серафина Горбашлиева, Атанас Стојанов, Горан Митров, Тодор Ќосев, Боки Митров и Силвестер Проле .
 
Освен со ткаеници, градските и селските домови во минатото биле уредувани и со многубројни плетени предмети од свилен или памучен купечки конец тулипан со различна дебелина. Најмногу се плетеле: чаршави за покривање спални, чаршави за маса, разни милиња за мала масичка – тишлајфер, пердиња и друго. Ги плетеле со една игла наречена кукачка игла, чингелаќа, или со пет игли кои ги користеле за плетење чорапи.
 
Сите предмети биле мрежесто плетени, а на поедини места со полнатица при што се формираат најразлични форми на геометриски и растителни мотиви како на пример: ромбови, цветови, и друго. Познати мостри за плетење милиња биле поентлес, изгубениот пат. Милињата се користеле и за покривање бокал и чаши за вода, за на послужавник, а се користеле дури и за покривање на телефон, се ставале над телевизор, над фрижидер, а ги прикачувале и по краевите на полиците во креденците.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *